Култура
Квартетот „Модиљани“ вечерва на Охридско лето
Програмата на класична музика на 65. Охридско лето вечерва продолжува со концерт на францускиот квартет „Модиљани“, кој ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот, во рамките на традиционалната Вечер на Европската Унија.
Овој квартет го сочинуваат виолинистите Амари Сојто и Лоик Рио, виолончелистот Франсоа Кифер и Лорaн Марфан, кој свири на виола.
Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина и денес важи за еден од најзначајните гудачки квартети постојано гостувајќи на најдобрите фестивали за камерна музика во целиот свет. Во 2017 година на квартетот „Модиљани“ му припадна честа да биде прв квартет што настапил во големата сала на новата „Елбфилхармонија“ во Хамбург. Во 2020 година членовите на квартетот ја добиваат улогата на уметнички раководители на Фeстивалот за гудачки квартети „Вибре-квартети во Бордо“, како и на престижниот Меѓународен натпревар за гудачки квартети во Бордо. Тие се основачи и уметнички раководители на Фестивалот „Сaн Пол де Ванс“, а од 2023 година предаваат камерна музика – гудачки квартет на Високата школа „Алфред Корто“ во Париз.
Од 2008 година квартетот издава носачи на звук за издавачката куќа „Мираре“ и досега имаат издадено 13 ЦД-а. Во 2024 година, нивниот последен албум со музика од Григ и Сметана е позитивно примен од музичката критика: „Францускиот квартет „Модиљани“ ги оживува овие емотивно интензивни дела со енергија, мноштво на бои и сјајна страст“ („Рондо“- јануари 2024). Овој албум се наоѓа на листата најпродавани албуми од класичната сфера и им ја носи Наградата на Германската стручна критика. Во сезоната 2024/2025 квартетот „Модиљани“ е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

