Култура
Кинотеката на Македонија: Филмскиот фестивал во Бергамо со омаж на Карпо Година
Годинешното 37. издание на Филмскиот фестивал во Бергамо, кое се одржува од 9 до 17 март, приредува ретроспектива на комплетното творештво на Карпо Година, режисер, кинематографер, сценарист и монтажер.
Карпо Аќимовиќ-Година е роден во Скопје на 26 јуни 1943 година. Мајка му Милена Година, Словенка, е актерка што учествувала во првата претстава „Платон Кречет“ на македонски јазик во Македонскиот народен театар 1945 година. Се работи за драмата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески.
Татко му Виктор Аќимовиќ, родум од Тетово, е една од најживописните фигури од крајот на Втората светска војна и повоениот период. Бил левичарски ориентиран интелектуалец пред војната, агент на тајните служби на Советскиот Сојуз, новинар и фоторепортер на „Нова Македонија“ и дописник на белградска „Политика“ за Јужен Балкан по Втората светска војна. Неговиот живот е поголем од кој било политички трилер што можете да го замислите, а филмот му била голема пасија и е добро познато име во кругот на филмските аматери и професионалци во тој период.
Фестивалот во Бергамо го чествува Година како една од најрепрезентативните фигури на т.н. црн бран во југословенската и словенечката кинематографија.
Оваа ретроспектива на Година во Бергамо – првпат го содржи неговото комплетно творештво во авангардниот краткометражен филм и долгометражни играни филмови – следува непосредно по наградата што авторот ја доби од еден од најпрестижните светски музеи, њујоршкиот МОМА, каде што се одржа првата американска ретроспектива во неговата кариера, што се совпадна со изложбата „Бетонска утопија: Архитектура во Југославија, 1948-1980“.
Фестивалот во Бергамо е основан од новинарот Сандро Ѕамбети и режисерот Анџело Сињорели, а неговата цел е промоцијата на знаењето и ширењето на филмската култура на локално и национално ниво, со аудиториумот на „Пјаца либерта“ како главно место на проекциите. Фестивалот организира средби со автори, работилници и други активности поврзани со филмот и уметничкиот свет. Листата на авторите што биле во фокусот на програмата на Бергамо и неговите гости е импресивна: Нагиса Ошима, Шохеи Имамура, Питер Селерс, Јан Шванкмајер, Роџер Корман, Дејвид Лин, Рене Клер, Жан Габен, Клер Дени, Дирк Богард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

