Култура
КИЦ се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на пијаното
Културно-информативниот центар во Скопје се вклучува во одбележување на Светскиот ден на пијаното кој ќе се случи на 9 мај 2022 година, во (Салон 19:19) во 18 часот, со промоција на нови звуци, композиции од светски познати композитори, кои за првпат ќе бидат изведени кај нас. На сцената ќе зазвучат дела од Виталиј Неугасимов, Тимоти Браун, Брајан Филд, Мехрож Мухторов, Ратко Делорко, Алексеј Шор, Оскар Гигеле. Ќе биде одбележана годишнина, 150 години од раѓањето на Александар Скрјабин, а ќе зазвучат и бисери на класиката.
Специјален гостин ќе биде современиот австриски композитор Оскар Гигеле, чие гостување е под покровителство на австриската амбасада во Скопје.
Светскиот ден на пијаното е прослава на пијаното и сè што е поврзано со него. Овој ден ја слави музиката од минатото и ја промовира нејзината еволуција. Така, на овој ден, се собираме да го прославиме еден од најголемите инструменти на сите времиња.

Денот на пијаното се одржува на 88. ден во годината (29 март или 28 март во престапна година) како прослава и повикување на 88-те клавиши на пијаното. Празникот е изум на германскиот музичар и композитор Нилс Фрам, кој е познат по комбинирањето на класичното пијано со електронската музика. Го воспоставува 2015 година „затоа што не е штета да се слави пијаното и сè околу него: изведувачи, композитори, градители на пијано, штимери и, најважно, слушателот“.
Секоја година се одржуваат концерти, а неодамнешните локации вклучувајќи ги Москва, Аликанте, Хелсинки, Рен, Лидс, Мелбурн, Сакраменто, Копенхаген и многу други, се наведуваат годишно на веб-страницата на настанот. Преку Културно-информативниот центар – Скопје и нашиот град е вклучен во прославата на светскиот ден на пијаното.
Настанот, кој се одбележува по шести пат кај нас, се одржува во организација на м-р Светлана Димитриевска, професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
На настанот ќе бидат доделени наградите за најнадежен млад пијанист од публика и од стручната комисија. Комисијата беше во состав: проф. д-р Марија Ѓошевска, м-р Даница Стојанова, м-р Светлана Димитриевска, м-р Марија Максимова и д-р Татјана Божиновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

