Култура
Концертна промоција на албумот „Маглота“ на Јордан Костов во Македонска филхармонија
На 30 јуни во Македонска филхармонија, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертна промоција на албумот „Маглота“ на Јордан Костов. Составот на музичари кои ќе го придружуваат Костов е целосно меѓународен: ќе има музичари од Бразил, Кина, Виетнам и Русија.
Јордан Костов, македонски хармоникаш, композитор и немирен музички патник, со години гради еден таков звук: звук којшто не произлегува толку од територии, колку од движење низ нив, притоа без да преферира една наспроти друга, трета итн. Музика која извира од скитништво, од отвореност кон другоста, без стереотипизирани претпоставки. И ако досегашните негови албуми – повеќе од 40 – нѐ навикнаа на неговата способност да импровизира низ јазикот на јапонскиот ориентален микс, да препознае џез фраза во глас на народна песна или да го пресоздаде специфичниот импулс на бразилската перкусија низ филтерот на афро-американската авангарда, тогаш албумот Maglota го претставува неговото досега најконцентрирано, најинтегрирано и најпоетско сведоштво за тоа каде сето тоа води.
Албумот, а со тоа и претсточекиот концерт на 30 јуни во Македонската филхармонија, не нуди наративна структура или некаков конкретен музички концепт. Тоа е дневник на една длабоко интимизирана географија. Токму затоа и неговиот наслов – Maglota – не значи ништо конкретно. Тоа е збор без дефиниција, но со импулс. Звучи како нешто што сме го чуле, но не можеме да го лоцираме. Како збор од јазик што можеби се измислува додека се музицира на повеќе јазици истовремено.
Во живата поставка на овој проект, интеркултурниот обем на музиката станува маркантен. Од Бразил до Кина, од Македонија до Виетнам, преку Русија и Јапонија – звучниот универзум на Маглота го сочинуваат не само инструментите, туку и личните биографии, музичките сензибилитети и искуството на секој од учесниците. На сцената ќе се појават: бразилската перкусионистка Бренда Охана и басистот Бруно Дози Теза, кинескиот тапанар Фенг Хао, виетнамската мултиинструменталистка Минх-Транг Нгујен, рускиот пијано импровизатор Роман Столјар, македонскиот хор „Св. Злата Мегленска“, предводен од Летка Димовска–Полизова, и вокалот на Сузана Спасовска.
Централниот фактор, хармониката на Јордан Костов, не е само музички инструмент. Таа е подвижна лабораторија. Во нејзините тонови – честопати искршени, понекогаш на раб на тишина, а друг пат масивни како оркестар – се одвива целата фузија. Костов успева од сите составни елементи да создаде звук кој е истовремено урбан и архаичен, структуриран и отворен, технички прецизен и лирски слободен. Музиката на Maglota е агенс на звучна дезориентација – не за да се загубиме во неа, туку за да се ослободиме од очекувањето дека музиката „мора“ да биде јасна, препознатлива, локална или жанровски припитомена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Иван Шопов со „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература за 2026 година
Иван Шопов со збирката раскази „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература.
„Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач“, стои во образложението на комисијата.
Наградата ја доделува Европската унија (EU Prize for Literature – EUPL), а годинашен македонски организатор е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која ќе учествува во сите активности поврзани со номинацијата.
Европската награда за литература се доделува за прозна книга на автор во подем. Следејќи ги прецизните критериуми на ЕУ, жири комисијата во состав: Лидија Капушевска Дракулевска (универзитетски професор), Владимир Јанковски (писател и македонски кандидат за наградата во 2022), Александра Јуруковска (книжевен критичар) – како членови и Снежана Стојчевска – директор на ГБСК и претседател на комисијата, едногласно ја избра збирката раскази Зентрифуга од Иван Шопов, на издавачката куќа „Бегемот“, за македонски преставник за Европската награда за литература за 2026 година.
Според жирито „Зентрифуг“а се издвојува од останатите дела по книжевниот квалитет и зрелост во изразот, преку својата автентичност, оргиналност и изграден стил. Книгата има компактна, хомогена композиција од 75 микрофикции (мини раскази, куси прози) распределени во три циклуси од по 25 прозни записи. Таа плени со луцидност и хумор, со приказни за маргинализирани, навидум необични ликови, чудаци, патници, лудаци, луѓе кои и физички му припаѓаат на предградието. Овие места се извесен хронотоп, последени бедеми на антибаналноста и антимеланхолијата, каде што и кога не се случува ништо, се случуваат многу нешта. Во кратките, густи приказни за овие локални добродушници од периферијата, се исцртува и една мапа на градот надвор од неговото јадро, пејзаж на местата кои понекогаш се далеку од радарот, а кои се неверојатно инспиративни за лудистички пресврти.
Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. „Зентрифуга“ е збирка што го држи вниманието на читателот со исто темпо од првиот до последниот текст, што ја прави допадлива и привлечна и за читање и за превод, и за нејзина комуникација и надвор од македонското говорно подрачје – стои во образложението на комисијата.
Иван Шопов (Скопје, 1987) е македонски писател, преведувач и уредник. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Дел од расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки, грчки и на бугарски јазик. Преведува од англиски, српски, бугарски и хрватски јазик. На македонски превел книги од Емброуз Бирс, Марта Нусбаум, Мирослав Крлежа, Михаил Вешим, Асја Бакиќ, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен… Основач е на мобилниот културен центар КЦ 750, заедно со Владимир Лукаш.
Во изборот за македонски кандидат за наградата учествуваа 15 наслови од 15 автори од 8 издавачки куќи. Од нив покрај Зентрифуга на Шопов, во потесниот избор од три наслова влегоа и Каде леташ, Јулија? од Хана Корнети (ИК Или Или) и И моќта ќе помине од Ирена Јурчева (ИК Три), а во поширок избор и книгите Потклек од Љупчо Петрески (ИК Бегемот) и Наназад од Стефан Алијевиќ (ИК Илика).
Според критериумите на ЕУ номинираниот автор треба да има објавено од 2 до 4 прозни книги и да нема повеќе од 4 преведени книги на странски јазици. Книгата не треба да биде постара од 18 месеци, да биде објавена од издавачка куќа, да е достапна во книжарниците и да е во согласност со европските вредности. Авторите кои веќе ја добиле наградата или биле во потесен избор не можат да бидат повторно номинирани. Оваа година во изборот за Европската награда влегуваат 14 земји: Ерменија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Косово, Луксембург, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Шведска.
Европската награда се доделува од 2009 година и досега во изборот учествувале околу 200 автори. Наградата ја промовира литературната разноликост и меѓу-културниот дијалог во Европа. Досегашни македонски добитници на EUPL се Гоце Смилевски за Сестрата на Зигмунд Фројд (2010), Лидија Димковска Резервен живот (2013), Ненад Јолдески Секој со своето езеро (2016) и Петар Андоновски Страв од варвари (2020).
Прогласувањето на годинашните добитници ќе се одржи на 29 мај во Музејот на современа уметност во Варшава. Победникот ќе добие 10.000 евра и издавање на два превода, додека двајца автори ќе добијат специјално признание, 5000 евра и објавување на еден превод. Во септември ќе биде промовирана и антологија со извадоци од сите номинирани книги преведени на англиски јазик. Преведените книги на добитниците ќе бидат промовирани во октомври на Саемот на книга во Франкфурт.
Култура
Промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“
На 2 март (понеделник), во „Јуроп хаус“ во Скопје, од 19 часот, ќе се одржи промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Тринаесеттиот“.
Овој е прв роман за деца и млади од авторката која важи за една од најпреведуваните домашни писателки и е добитничка на многубројни домашни и меѓународни награди, меѓу кои се и наградата на Европската Унија за литература, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“ итн.
Значењето на овој роман во македонската книжевност ќе ни го доближат промоторките Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева, додека младите членови на актерската школа на Весна Петрушевска, која слави 30 години постоење, ќе го приредат изненадувањето за публиката и ќе го прикажат „Тринаесеттиот“ преку нивните очи.
Повеќеслоен, модерен и напишан на јазик што им е разбирлив на денешните генерации, „Тринаесеттиот“ се одвојува со својата иновативност и длабочина. Зборувајќи за теми што вообичаено ги избегнуваат романите за деца и млади, Лидија Димковска прави пресврт во своето творештво. Ова е роман што раѓа романи, во кој читателите преку одговори на прашањата поставени од авторката, создаваат еден нов однос со себеси.
Од Издавачкиот центар ТРИ, во чиешто издание е овој роман, ги покануваат и младите и возрасните на несекојдневен настан што ќе придонесе за отворање простор за нови разговори за важните прашања.
Оваа промоција е можност за читателите одблизу да се сретнат со Лидија Димковска, да слушнат повеќе за процесот на создавање на романот, да учествуваат во интерактивен разговор инспириран од темите што ги отвора делото, и да уживаат во одиграните сцени.
Настанот е отворен, а влезот е слободен.
Култура
Концерт на Национален џез оркестар со Mike Holober
Еден од најреномираните современи џез композитори и диригенти, Mike Holober, на 18 март ќе настапи со Национален џез оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект This Rock We’re On: Imaginary Letters. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет со почеток во 20:00 часот, под диригентство на самиот автор.
Mike Holober е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект 𝑇ℎ𝑖𝑠 𝑅𝑜𝑐𝑘 𝑊𝑒’𝑟𝑒 𝑂𝑛: 𝐼𝑚𝑎𝑔𝑖𝑛𝑎𝑟𝑦 𝐿𝑒𝑡𝑡𝑒𝑟𝑠 е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“. Во ова дело, Holober создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.
Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.
Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии).
Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез оркестар, во изведба на Националниот џез оркестар и под диригенство на Mike Holober.
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на MKTickets.
Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ. Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]

