Култура
Концерт за виола и пијано на Охридско лето
Музичката програма на фестивалот Охридско лето продолжува вечерва во црквата „Света Софија“ од 21 часот, со концерт на виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија и пијанистот Франк Дупре од Германија.
Тимоти Ридаут е добитник на инаугуративната награда со името на сер Џефри Тејт во Хамбург и носител на стипендија од Фондацијата „Борлети-Буитони“. Тој со сигурност е еден од водечките млади солисти во Европа. Дел е од програмата на Би-би-си – „ Уметници на новата генерација“ од 2019 година и дел од уметничката програма на Центарот „Линколн“ во Њујорк од 2021 година.
Неговите оркестарски ангажмани вклучуваат настапи со Оркестарот на Би-би-си и со оркестарот на Филхармонијата во Лондон, „Тонхале“ во Цирих, камерните оркестри во Париз и Лозана, симфониските оркестри во Хамбург и Луцерн, Камерниот оркестар на Европа, Националниот оркестар на Лил и др. Камерните концерти и рециталите, пак, го водат во „Вигмор хол“, „Музикферјан“ во Виена и „Концертгебау“ во Амстердам. Во август 2021 година тој настапува на „Би-би-си промс“ изведувајќи го концертот за виола од Вилјам Волтон под диригентската палка на Сакари Орамо.
Тимоти Ридаут снима ексклузивно за „Хармонија мунди“ и досега има остварено соработки со диригентите: Силвијан Камберлинг, Кристоф Ешенбах, сер Андрас Шиф и Давид Цинман, а на камерната музичка сцена соработува со ексклузивни имиња, како што се: Николас Алтштед, Џошуа Бел, Франк Дупре, Изабел Фауст, Стивен Исерлис, Џанин Јенсен, Ларс Вогт, Џонатан Вер, Кристија Тецлаф, Џереми Денк и многу други.
Франк Дупре е добитник на наградата „Опус класикс“ за снимка на годината во категоријата концерти во 2018 година и лауреат на Германскиот натпревар за музичари во 2014 година. Германскиот пијанист Франк Дупре ги воодушевува жиријата со својата музичка зрелост, рафинирана техника и можност да создаде широк спектар на бои од пијаното. Првично едуциран како џез-перкусионист, Дупре има широки видици во пијанистичкиот репертоар, со особен интерес кон современата и музиката на актуелните композитори на нашето време. Скорешните и идните ангажмани вклучуваат соработка со фестивалот „Курт Вајл“, каде што е резидентен уметник, деби со „Ројал Нордерн симфонија“ во Њукасл, со Симфонискиот оркестар во Трондхајм и со симфонискиот оркестар на Лихтенштајн. Ќе се врати на сцените на „Вигмор хол“, „Бозар“ во Брисел и ќе продолжи да соработува со Филхармонијата во Штутгарт и театарот „Паулен“ во Цвикау. Како уметник кој цврсто се етаблира на меѓународната музичка сцена, Дупре има остварено настапи со Лондонската филхармонија, како и со оркестрите во Минестота, Малме, Кристијансанд, Оукленд, со оркестарот „Бетовен“ во Бон и др. Во областа на камерната музика соработува со некои од највозбудливите имиња од својата генерација, како што се: Симон Хофеле, Едгар Моро, Даниел Лозакович, Тимоти Ридаут, Кијан Солтани и др. Исто така, активен на диригентскиот пулт и уметник што често се јавува во улога на солист и диригент, Франк Дупре има соработувано како асистент со сер Сајмон Ретл, Франсоа Гзавие Рот и со Марио Вензаго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

