Култура
Концерт на Дина Марковска и Јована Удовиќ во КСП „Центар Јадро“
На 6 април (сабота), во 18 часот, во КСП „Центар Јадро“, ќе се одржи концерт на Дина Марковска (флејта) и Јована Удовиќ (виолина).
Програма: Јована Удовиќ:
Jохан Себастијан-Бах – Соната за соло виолина бр. 2 во А-мол (BWV 1003)
– Grave
– Fuga
– Andante
– Allegro
Фридрих Крајслер – Рецитатив и Скерцо-каприц, оп. 6
Дина Марковска:
Георг Филип Телеман – Фантазија бр. 10 во Фис-мол за соло флејта
Иван Јевтиќ – Инкантации за соло флејта
Зигфрид Карг-Елерт – Соната апасионата оп. 140 за соло флејта
Вилхелм Фридман Бах – Дует бр. 4 во Ф-дур
Дина Марковска е родена во Скопје 2003 година, а од 2012 живее и учи во Белград. Своето музичко образование го започна на 10 години, кога се запиша на отсек флејта во Музичкото училиште „Јосиф Маринковиќ“, во класата на професорот Константин Мирковиќ. Од 2020, работи со професорот Александар Буркерт во Средното музичко училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун каде и го завршува средното музичко образование. Моментално е студент на втора година на основните академски студии на Факултетот за Музичка уметност во Белград во класата на професорот Миомир Симоновиќ. За сите овие години настапува на бројни училишни и академски концерти како солиста, камерен и оркестарски музичар во разни ансамбли како што се хор на флејти, дуо со виолина, дуо со обоа, квартет на флејта со гудачи, дувачки квинтет и симфонијски оркестар.
Има настапувано во многу концертни сали, како што се Големата сала на Коларчева задужбина, Галеријата на Коларчева задужбина, Параброд, МТС Дворана, Гварнеријус, Студентски културен центар, Српска академија на наука и уметност, како и на сцената на Македонската опера и балет. Исто така има настапувано и освојувано први награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ (2021 и 2024), меѓународните средби на флејтисти „Тахир Куленовиќ“ (2021 и 2023), меѓународен натпревар „Охрид те сакам“ во Македонија (2022), „Zemun international music competition“ (2021, 2022 и 2023 каде што беше прогласена за Лауреат на категорија), „Смотра на музичките таленати на Србија“ (2023) и други. Во јуни 2023 година освои и второ место на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“ во Охрид, Македонија и вооедно беше најдобра во најстарата категорија на овој натпревар. Дина Марковска има посетувано и мајсторски курсеви и работилници каде има соработувано со професорите Матеј Зупан (Словенија), Паоло Табалионе (Италија), Вали Хасе (Германија), Карл-Хајнц Шуц (Австрија), Матју Госи-Онселан (Австрија), а во 2023 година беше и дел од Летната академија во Ница, Франција, каде што соработуваше со професорот Винсент Лука (Франција). Исто така учествуваше на оркестарскиот семинар во организација на FAME´s институтот во Скопје, каде соработуваше со професорот Владимир Николов и диригентот Џијан Емин, со чиј оркетар во склоп на овој проект настапи и на отварање на „Skopje Jazz Festival“ 2023.
Јована Удовиќ родена е во Белград, 2004. Таа го има започнато своето музичко образование во Белград на 8 години, во класата на професорката Лидија Ранковиќ. Во 2012 го завршува своето средно музичко образование во Училиштето за музички таленти во класата на професорот Драгутин Младеновиќ со награда за најдобра изведба на дипломскиот испит. Моментално е студент на втора година на Факултетот за музичка уметност во Белград кај професорот Роберт Лакатош.
Од самиот почеток на своето музичко образование таа има освоено многу награди на меѓународно и национално ниво, од кои најзначајни се: прва награда на “Васко Абаџиев” натпревар во Бугарија; прва награда и специјална награда за изведба на романски автор на „Eugen Cuteanu“ натпревар во Романија (2015); прва награда и Лауреат на Републички натпревар во Србија (2014, 2016, 2018, 2021); прва награда и специјална награда на Art Center на натпреварот „Talents for Europe“ во Словачка (2017); трета награда на „Jaroslav Kocijan“ натпревар во Чешка (2017); Лауреат и прва награда на „International String Competition“ во Ниш, Србија (2017, 2019); втора и прва награда на „Охридски Бисери“ натпревар во Македонија (2018, 2020).
Јована е носителка на наградата Свети Сава 2020 од Министерството за образование, наука и технолошки развој на Република Србија, а на “Kustendorf Classic” филмскиот и музички фестивал во Србија таа во 2023 доби специјална награда од семејството Кустурица.
Таа има одржано свои рецитали во Цвијета Зузориќ Павиљон (2018), САНУ галеријата (2019, 2020, 2023), Артгет галерија / Белградски културен центар (2019, 2020, 2023), Национален музеј во Белград (2022), Мултимедиален центар на Академијата за уметности во Нови Сад (2022), Вуков театар (2023) и на големата сцена на Коларчева задужбина (2023). Во 2021, на покана на член на жирито на „Охридски бисери“, таа настапи на „Виолина фест“ во Македонската филхармонија во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

