Култура
Концерт на GAZORPAZORP, „св. Псета“ и ООHS! во МКЦ
На 26 февруари во МКЦ, сала „25 Мај“, ќе се одржи концерт на бендовите GAZORPAZORP (Белград), „св. Псета“ (Белград) и ООHS (Софија).
Бендот „Газорпазорп“ креативно е еден од најпотентните гитарски бендови на новата генерација на Балканот. Како претставници на новиот бран српски бендови, кои полека и сѐ позабележително ја преземаат палката од рацете на постарата генерација гитарски бендови во регионот, разиграните млади момчиња играат на оригиналноста и автентичноста. Во април 2018 година тие го издадоа своето дебитантско ЕП, едноставно со наслов EP # 1 со хиперенергични песни, полни со дисторзии и рапави вокали.
Во декември 2020 година „Газорпазорп“ го објави EP-то „Од воздух и сонце“ (Moonlee Records), кое носи пет нови песни, полни со младешки дух, разиграност и страст. Покрај очигледните влијанија на бендовите, како што се „Репетитор“ или „Мец“, нивниот нефатлив звук ја комбинира впечатливата моќ на ноиз-рокот, комплексноста на мат-рокот, постпанк-разиграноста и експерименталноста на психоделичниот рок, комбинирајќи ги и англо-американските и регионалните музички традиции. Со својата современа рок-естетика „Газорпазорп“ е поставен рамо до рамо со актуелните бендови, како што се Squid, Black Midi, Oh Sees, Protomartyr и Tropical Fuck Storm. И покрај младоста на бендот, постои јасен зрел и префинет пристап кон аранжманите на песните, кои со неверојатна леснотија скокаат од експлозивни напади на лудило во лебдечки мирни пасажи и назад. „Газорпазорп“ е гласот на новата генерација на препознатливиот белградски шарм, а пред сѐ, фантастичен бенд, кој ја продолжува традицијата на регионална музичка бескомпромисност!
„Во помалку од една минута можете да приметите колку „св. Псета“ е бесен и разуздан, свират како ништо пред нив и да не постоело, а откако ќе ги чуете тие песни, веќе не е ни проблем доколку ја снема целата музика од иднината“ – Helly Cherry.
OOHS! е бугарско-либански космички lo-fi поп-ентитет базиран во Софија. Зад себе има две лимитирани касетни изданија за Amek Collective, Tropic of Cancel и ѕвездениот Plutonic Love Songs. OOHS! има настапувано покрај Follakzoid, Moonwalks и VVhile, но и во многубројни локални концерти организирани од Alarma Punk Jazz, Amek Collective, Indioteque, Blood Becomes Water и други независни промотери.
Овој настап ќе им биде прв во живо од 2020, како и прв воопшто настап во Скопје.
Билетите по цена од 250 денари се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

