Култура
Костадиновска-Стојчевска во Загреб: Имаме многу заеднички идни проекти со студентите кои го изучуваат македонскиот јазик
Во македонскиот КИЦ во Загреб, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката Наталија Поповска, се сретнаа со студенти и со професорот Ивица Баковиќ, професор по македонски јазик на Катедрата за јужнословенски јазици и книжевност при Филозофскиот факултет во Загреб.
Оваа Катедра е основана во 1955/56 година, кога е основан и лекторатот по македонски јазик од Петар Кепески, брат на романсиерот, драмски писател и публицист Коле Чашуле.
Во 1967/68 година, македонскиот јазик се изучувал како дел од отсекот на југословенски јазици, потоа во рамките на Катедрата на словенски јазици, а од 2003 година е дел од Катедрата за јужнословенски јазици и литература.
„Возбудлива и инспиративна беше средбата со студентите и со проф. Баковиќ, кои ги споделија своите искуства, презентираа текстови и поезија на македонски јазик, зборуваа за предизвиците со кои се среќаваат при преводот на литературите на двата јазика, а нè информираа и за реформите на студиската програма со кои се задржува македонскиот јазик во сите четири години на студиите“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
![]()
На средбата стана збор за начините како да се олесни и интензивира соработката на полето на преводот и како да се зголеми тој фонд.
„Разговаравме за можни заеднички проекти помеѓу Институтите за јазик и за литература на двете земји, за можностите кои ги дава соработката со Советот за македонски јазик, како и со Семинарот за македонски јазик, литература и култура.
Ја посочивме потребата од решавање на финансиските прашања околу интензивирање на екскурзии и теренска настава на студентите и размена на студенти со Катедрата за македонски јазик од Филолошкиот факултет во Скопје, со Педагошкиот факултет од Битола, поврзување со институциите кои важни за македонистиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска
На оваа пријатна средба, во македонскиот КИЦ кој станува средиште за уметноста, младите читаа извадоци од делата на Славко Јаневски, како и извадоци од македонските народни приказни.
Во Загреб во две основни и во едно средно училиште има изборен македонски јазик, a во оваа пригода младиот Јани Иванковиќ, роден во Загреб, рецитираше стихотворба на македонски јазик. Блиските врски со Хрватска ги потврди и Афродита Силјаноска, млада балерина која пред осум месеци се доселила во Загреб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

