Култура
Костадиновска-Стојчевска: Во 2023 културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната прес-конфренција по повод резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во одделни области и активности од културата за 2023 година, истакна дека оваа година, според исходот од конкурсите, културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет.
„Станува збор за проекти од јавен интерес, кои ќе ги промовираат достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство, што е и една од нашите цели“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.
Аплицирањето за годишните конкурси за финансирање проекти, како што рече министерката за култура, првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.
„Во електронскиот систем се евидентирани 3.355 релевантни пријави. Поради нецелосна документација, во согласност со општите услови од конкурсите, административно се отфрлени 332 пријави“, информира Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека и во самите извештаи на комисиите е потенцирано дека со целосното аплицирање на електронски начин значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите.
Комисиите што одлучуваа во врска со пријавите по дејности, како што рече министерката за култура, останале доследни на принципите: квалитет на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители што досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура, проекти со интеркултурен карактер и проекти што одат во полза на деметрополизација на културата, како и проекти што ја афирмираат нашата култура и уметност надвор од границите.
Во согласност со спецификите на одделни дејности комисиите имаа и соодветни критериуми за бодирање и за што пореално вреднување на секој предложен проект, рече министерката за култура, додавајќи дека 2023 е година и на значајни јубилеи и годишнини.
Соодветните комисии го имаа предвид и овој факт поддржувајќи квалитетни проекти во пресрет на: 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Годината на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик, кој го носи неговото име. Сто и петнаесет години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. Сто и дваесет години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. Исто така, поддршка добија и јубилеите: 115 години од раѓањето на Коста Рацин, 120 години од раѓањето на уметникот Никола Мартиноски, како и 75 години на сцената на КУД „Емин Дураку“ и на КУД „Јени Јол“.
Со годишната програма, како што рече, Костадиновска-Стојчевска, продолжува финансирањето и на заштитата на културното наследство, со приоритет на она што е во опасност, како и заштитата и дигитализацијата на аудиовизуелни добра.
На крајот, Костадиновска-Стојчевска, посакувајќи успешна реализација на проектите, изрази уверување дека тие, како што рече, ќе бидат додадена вредност во перцепцијата на културата, но и поттик за уметниците и авторите да продолжат со вложување во својата професионална кариера.
Резултатите од конкурсите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.