Култура
Костадиновска-Стојчевска: Жените Ромки имаат потенцијал преку уметноста да рушат стереотипи
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го отвори културниот настан кој се одржa во рамки на 9. Меѓународна конференција за жени Ромки и жени патнички, порачувајќи дека колективна обврска е заедно да градиме еднаквост и дека уште сега треба да се размислува за тоа како ќе живеат и каков ќе биде животот на Ромките родени денес.
„Изложбата „Жена – мајка, столб и потпора“ го покажува уважувањето и почитта која ја имаме кон жената Ромка и нејзината улога и придонес во семејството и општеството“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, укажувајќи дека црвената боја на женската ромска традиционална облека е симболот на нивната индивидуална жртва за колективна благосостојба, но и потенцијал да ги пробиваат општествено наметнатите бариери.
Костадиновска-Стојчевска се осврна и на денешната меѓународна конференција, за која рече дека е одлична можност за размена на добри практики и продолжување на дијалогот на сите засегнати страни на патот кон обезбедување на еднаквост и социјална вклученост на жените Роми и патници.
„Одржувањето на 9. Меѓународна конференција за жени Ромки и жени патнички, тука во Скопје, во организација на Советот на Европа е уште една потврда за нашето партнерство и заедничко делување во заштитата на човековите права, борбата против дискиминација и градењето инклузивни општества“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека во годината кога се одбележуваат 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, социјалното вклучување, борбата против сегрегацијата и стигматизацијата продолжуваат да бидат силни предизвици за еднаквоста на Ромките во најразвиените демократски општества, вклучувајќи го и македонското.
„Немаме алтернатива за највисоките демократски вредности и имплементација на инклузивните политики и стратешкиот план за вклучување на Ромите и патниците на Советот на Европа (2020-2025), за развој на отворено и инклузивно општество, во кое Ромките се интегрирани, почитувани и ценети граѓанки“, истакна Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека Владата посветува посебно внимание на заштитата на правата на етничките заедници врз основа на почитување на основните човекови права и слободи, како вреден и нераскинлив дел од македонското општество и неговата културна разноликост.
Министерката за култура потенцираше дека сме постигнале многу во унапредување на правата на Ромите, но мора да продолжиме гласно и јавно да зборуваме за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека непоколебливо чекориме по овој пат кој е долг и никако лесен, но како што рече таа „е единствен за отстранување на бариерите што го попречуваат образовно, економско и политичко издигнување на жената Ромка“.
Во тој контекст таа укажа дека се поставени столбовите на кои градиме основа за вистинска и ефективна еднаквост на Ромките и дека промените се остварливи, доколку сите работиме заедно за еднаквост и еднакви права.
„А не смееме да заборавиме дека промените доаѓаат и преку уметноста која има моќ да даде идеја, емоција и храброст за дејствување во околината и секојдневието. Доближувајќи ги богатите традиции, култура и обичаи на ромската заедница до граѓаните, ги рушиме предрасудите и стереотипите за жените Ромки“, рече министерката.
Како пример за активни и влијателни жени, кои со своите активности го потврдиле потенцијалот и капацитетот на жената Ромка, министерката Костадиновска-Стојчевска ги наброја извонредните Есма Реџепова, Уснија Реџепова, Елена Лацкова, Цаја Стојка, Олга Панкова, Бронислава Вајс и многу други, како доказ за улогата и придонесот на Ромките во градењето на мултикултурното и одржливото општество.
На изложбата на уникатни носии кои за оваа прилика ги отстапи Здружението на љубители на ромската фолклорна уметност „Романо Ило“, се обрати и Халвард Горсет, раководителот на Одделот за антидискриминација при Советот на Европа, кој изрази задоволство што ромската култура и идентитет се дел од македонските музеи и музеите низ целиот свет.
„Тоа треба да биде позитивен пример за останатите земји членки на Советот на Европа коишто на тој начин го претставуваат и го промовираат културното наследство на Ромите, најмногу жените Ромки“, нагласи Горсет.
Настанот беше организиран од Советот на Европа и Европскиот ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК), во соработка со Министерството за култура и Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.