Култура
Костадиновска-Стојчевска за јубилејот на Конзерваторски центар – Скопје: 6 децении чувар во заштитата на културното наследство
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска присуствуваше на одбележувањето на 60-годишниот јубилеј од постоењето и успешно работење на Националната установа Конзерваторски центар – Скопје.
Честитајќи го јубилејот, Костадиновска-Стојчевска истакна дека иако станува збор за навидум мала национална установа, Конзерваторскиот центар – Скопје се грижи за голем број споменици кои се белег на нашиот главен град, со богата историја.

„Професионалците од оваа установа веќе 60 години секојдневно и посветено работат на полето на заштитата на културното наследство. Овој јубилеј е повод да изразиме благодарност до основополжниците на институцијата, до сите ентузијасти, конзерватори и археолози кои со генерации наназад се грижат, го истражуваат и го чуваат нашето културно наследство“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека сепак заштитата и грижата за културното наследство е наша заедничка обврска, наш белег на препознатливост.
„Зборуваме за Скупи, за Аквадуктот, за фреските од црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, за комплексот „Св. Спас“, каде што сме сега, и за познатата резба на Мијачката школа од која се испреплетува иконостасот во црквата „Св. Спас“, заедно со престолните икони, ремек-дело на Дичо Зограф. Богатата историја на Скопје во наследство ни ги остави и Мустафа-пашината џамија, многубројните анови и амами кои денес градат една синтеза на минатото и сегашноста, а за кои, исто така, одговорноста е наша“, вели министерката за култура.

Според Костадиновска-Стојчевска, Министерството за култура како искрен партнер во развојот и растежот на оваа носечка институција во Скопје, покажува целосна одговорност и поддршка за сите активности што Конзерваторскиот центар ги иницира и ги спроведува.
„Свесни за кадровската состојба во заштитата, од оваа година покрај финансиската поддршка на програмските активности, Министерството за култура овозможува и стручно усовршување на дефицитарни кадри од областа на културата и заштитата и на полето на конзервацијата.
Костадиновска-Стојчевска изрази голема благодарност до сите оние што ја носат одговорноста за професионалната грижа за културното наследство на градот и што придонесоа Конзерваторскиот центар на Град Скопје да се вброи во редот на институциите кои се еден од столбовите на македонската култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

