Култура
Костадиновска-Стојчевска: Обезбедивме 40 милиони денари за капитални проекти за единиците на локалните самоуправи
„Културата игра клучна улога во формирањето на идентитетот на едно општество и во збогатувањето на животот на секој поединец. Таа нè поврзува, нè инспирира и нè облагородува. Со капиталните дотации отвораме перспективи за развојот на културата, која зближува и покрај својата разноликост, а во тоа е и нејзината уникатност“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот состанок во Владата за капиталните дотации од областа на културата.
На состанокот, на кој присуствуваа и некои од градоначалниците на единиците на локалната самоуправа, беа споделени информации за одобрените проекти за поддршка на локалните заедници. Притоа Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на заложбите меѓу државната и централната власт во остварување на заедничките цели.
„Планирањето, обезбедувањето и реализацијата на финансиските средства за капитални дотации во областа на културата за единиците на локалната самоуправа, Министерството за култура ги спроведува во согласност со програмските и стратегиските определби на Владата во насока на поттикнување и спроведување рамномерен регионален културен развој. Истовремено, инвестирањето во културната инфраструктура на локално ниво е инвестиција во иднината на нашата земја и на нашите граѓани“, рече министерката.
Според Костадиновска-Стојчевска, капиталните инвестиции им овозможуваат на единиците на локалната самоуправа да реализираат многубројни проекти, кои ќе ја збогатат нивната културната понуда. Со нив се предвидува изработка на проектно-техничка документација за изградба на објекти, реконструкција, ревитализација и санација на центри за култура, музејско-изложбени простори, адаптации на простори за културни и за други манифестации, осмислување летни сцени.
Костадиновска-Стојчевска информира дека по објавениот оглас за распределба на капиталните дотации во областа на културата, посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, од вкупно 13 пристигнати проекти од 11 општини, средства беа доделени за 9 проекти за чија реализација се распределени околу 40 милиони денари (39.964.237,00 денари).
„Така, Маврово и Ростуше во с. Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри, Културниот центар во Валандово ќе се санира, а со тоа се обезбедуваат современи услови за работа, инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сè поатрактивна туристичка и културна дестинација. Почнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центарот за култура во Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во општина Чашка. Продолжуваме со реконструкција на Спомен-домот АСНОМ во Делчево, како и со изградбата на домот на културата во с. Куклиш, Струмица“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

