Култура
Костадиновска-Стојчевска од Давос: Македонија стана дел од Алијансата „Баукултур“

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вториот ден од Министерската конференција во Давос, која е посветена на изјавите, усвојувањето на документите и востановувањето на Алијансата „Баукултур 2023“, рече дека основањето на Алијансата е добра вест и за Македонија и дека тоа ќе биде мрежа која ќе ја иницира соработката на јавниот со приватниот сектор, а резултатот ќе донесе бенефит за сите.
– Станувајќи членки на Алијансата „Баукултур 2023“, ние преземаме и одговорност – одговорно да се однесуваме кон правото на секој човек да живее и да создава во хуман амбиент. Точно е дека секој има право да заработи, но не и да профитира од менталното здравје и од социјалниот живот на луѓето. Тоа не е бизнис со економски бенефит за сите. Тоа е корупција со лоши последици за сите, посочи министерката Костадиновска-Стојчевска.
На Конференцијата, Костадиновска-Стојчевска пред присутните нагласи дека Македонија има големо културно наследство, богатство од минатото, кое ја дефинира нашата сегашност и кое неминовно е дел од културниот идентитет и на Европа.
– Затоа подавам рака, зашто имаме многу заедничка работа. Македонското културно наследство е нераскинлив дел и сведоштво од секоја историска епоха на европскиот континент – додаде таа.
Кстадиновска-Стојчевска информираше дека многу аспекти од Декларацијата од 2018-та за „Баукултур“ се имплементирани во нашите национални стратегии и бидејќи потенцијалот на Европа да се хуманизира просторот е влезен во фаза на сериозно ангажирање, како што вели таа, уште еднаш нагласи дека ќе иницира формирање на Оддел за „Баукултур“ во рамките на Министерството за култура и тоа очекува да го реализира во најкраток рок.
– Актуелните случувања уште повеќе ја потврдуваат неопходноста од „Баукултур“ – суштински и длабоко да го разбереме поимот и преку неговата примена да стане европски начин на живот, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на Конференцијата во Давос, меѓу другото, под главно спонзорство на балтичките држави, беше изгласана заедничка изјава за закрепнување и обнова во Украина, за што поддршка даде и Македонија.
„Баукултур“ се дефинира како градење културен чин и простор за култура, кој ја гледа целата дизајнирана животна средина како кохерентна целина, од постоечки згради до современ дизајн, од мали рачно изработени детали до згради и отворени простори до големи инфраструктури, и од процесот на планирање преку изградба и работење до повторна употреба. Втората конференција на Баукултур во 2023 година се фокусира на имплементација, што бара соработка меѓу политиката, приватниот сектор и граѓанското општество. Градови, села, куќи, патишта, мостови, градини, плоштади, простори, пејзажи се дел од Баукултур. Зајакнувањето на „Баукултур“ е важно ако треба да се најдат решенија за сегашноста предизвици, како што се климатските промени, енергетската транзиција, внатрешен урбан развој, позелени населби и раст на населението. Исходот е одржлив, атрактивен и инспиративен простор за живеење, информираат од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнува 17 издание на битолското културно лето „Бит Фест“

На античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, вечерва со Концерт на групата „Леб и сол“, започнува 17 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Со концертот во Битола, легендарната група, ја започнува својата турнеја за одбележување на 50 години на музичката сцена. Влезници по цена од 400 денари, можат да се набават во Офицерски дом и Хераклеја од 10:00 до 20.30 часот.
Официјалната програма на БИТ ФЕСТ ќе трае од 26 јуни до 31 август, но културната понуда на Битола, како прет и постпрограма е застапена за време на целиот период од календарското траење на летото и истата е исполнета со содржини од различни културни жанрови, поддржани од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.
Пред официјалниот старт вечерва, публиката имаше можност да ужива во Празникот на музиката „Солстис“, да биде со програмските содржини на Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град“, кој трае до 28 јуни, а од синоќа вљубениците во пишаниот збор имаат можност да го проследат саемот на книга „Критична маса“ кој се одржува на малото плато пред Офицерски дом од 09:00 до 23:00 часот и ќе трае до 28 јуни.
Утревечер, на 27.06, од 20:00 часот дел од програмата на Битолското културно лето е Концертот со авторска музика на Стефанија мјузик ворлд, кој ќе се одржи на Нова сцена во Центар за култура. Станува збор за јубилеен концерт кој слави една деценија посветеност, креативност и љубов кон музиката. Стефанија е дипломирана поп-џез пејачка, артистка со препознатлива интерпретација и оригинален звук, која заедно со искусните музичари, најавува музичко патување исполнето со емоции, слобода и звук што допира до срцето.
Концертот носи љубов кон музиката, искреност и стил кој спојува повеќе жанрови. Публиката во живо ќе ги слушне нејзините најистакнати авторски композиции, преработени во современи џез, џез-рок и босанова аранжмани, џез стандарди – звук што го спојува класичното и модерното, нежното и енергичното.
Настапуваат: Стефанија Милевска Враниќ – вокал, Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ / Dadoni – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас и Павел Талевски – тапани.
Култура
Втора изведба на балетот „Госпоѓа Бовари“ на 27 јуни во МОБ

По успешната премиера што се одржа вчера, Националната опера и балет ја најавува втората изведба на балетот „Госпоѓа Бовари“, која ќе се одржи на 27 јуни, со почеток во 20.00 часот.
Ова балетско дело, поставено во два чина, е инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер и ја раскажува драмата на женската душа – копнежот по страст, слобода и нејзиниот трагичен судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист: Андреја Наунов, генерален менаџер на проектот: Киро Павлов.
Особено значајно е што оваа претстава е посветена на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет.Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Во фоајето на МОБ e поставена изложба со фотографии од Марија Кичевска Шокаровска – по повод 25 години уметничка кариера. Изложбата опфаќа внимателно селектирани фотографии од нејзините највпечатливи настапи низ годините, претставувајќи ја нејзината еволуција како балерина, емоциите на сцена и клучните моменти од нејзиниот творечки пат. Посетителите ќе имаат ретка можност да ја доживеат магијата на балетот низ објективот на времето.
Култура
Концерт за деца „Песна за жирафата“ вечерва на „Скопско лето“

Вечерва, 26. јуни, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт за деца насловен „Песна за жирафата“ во изведба на ансамблот „Консонанс“ со почеток во 20:00 часот во Сули ан.
Влезот ќе биде регулиран со влезници по цена од 300 денари (родител+дете), кои ќе може да се купат пред почетокот на настанот на влезот на Сули ан.
„Песна за Жирафата” е музичка приказна за деца која преку прекрасната музика на композиторот Ф. Ј. Хајдн и забавниот и едукативен текст, ни ги претставува и доловува специфичностите на секој од инструментите, на интересен и креативен начин.
Наменета за деца од различна ворзст, приказната ќе им ја разбуди љубопитноста за различните бои кои ги произведува еден жичан инструмент како што е виолината, или пак некој од дувачките инструменти како што се флејтата или пак кларинетот.
Во текот на музичката приказна, актерот толкувајќи го ликот на самиот композитор Ф. Ј. Хајдн, на еден мошне забавен и весел начин ќе ги едуцира децата за многу аспекти од класичната музика и инструментите кои се користат во нашиот ансамбл „Консонанс“.
Во оваа музичка приказна преку приказна и интеракција, децата ќе можат да се заапознаат со музиката од периодот на класицизмот и да ги слушнат аранжманите напишани специјално за овој концерт, кои нè едуцираат за познатата музика на Ф. Ј. Хајдн изведена од квинтет сочинет од следниве инструменти: виолина, флејта, англиски рог, кларинет и бас кларинет. Сите овие инструменти се солистички инструменти кои можат да настапуваат и сами, но најчесто се употребувани во поголеми ансамбли, во голем симфониски оркестар, оперска и балетска музика.
„Консонанс“ ансамблот основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на почетокот беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денеска во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл.
„Консонанс“ е посветен на изведбата на камерната музика истражувајќи ги огромните можности пред сè на дрвените дувачки инструменти кои го сочинуваат ансамблот, а тоа се: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет, како и останатите инструменти вклучени најчесто како концертни гости.
Ансамблот го сочинуваат членови од Македонската Филхармонија и тоа: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – Бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта како и виолинстката Ивана Здравкова. Сите овие музичари со долгогодишно искуство подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
„Консонанс“ како ансамбл има настапувано на најпрестижните национални фестивали и настани во Македонија како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Турција и САД. Ансамблот има издадено и едно ЦД.
Утре, 27.06. (петок), во рамки на програмата на 46-тото „Скопско лето“ ќе се одржат два настана.
Со почеток во 20:30 часот во Сули ан ќе се одржи детска театарска претстава „Во царството на другарството“ во продукција на Театар Хит – Скопје.
Со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт на Марија Ташевска (сопран) и Анастасија Кочева (пијано) насловен „Звуците на љубовта низ италијанскиот романтизам“.