Култура
Костадиновска-Стојчевска од Крива Паланка: Изработен проект за идниот модерен простор на Центарот за култура
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска престојуваше во работна посета на Општина Крива Паланка каде што оствари средба со градоначалникот Сашко Митовски, а присуствуваше и на прес-конференцијата на која беше презентиран проектот за изработка на проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на Центарот за култура.
Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата потенцираше дека вреднувањето и моќта на културата, како срце на секоја заедница, во Крива Паланка се должи на активното и успешно работење на Националната установа Центар за култура и Локалната установа Градски музеј.
Според министерката за култура, успешноста на установите во остварувањето на утврдените цели се должи и на соработката меѓу државната и локалната власт, а тоа се потврдува и со денешната презентација на проектот со кој Центарот за култура треба да прерасне во модерен и динамичен простор во кој ќе се реализираат настани што ќе ја збогатат културната понуда на регионот.
„Препознавајќи го значењето на проектот, Општина Крива Паланка доби финансиска поддршка 800 000 денари преку Програмата за користење средства за капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во областа на културата. Ова е одличен пример дека со добар план и стратегија, локалната и централната власт може и треба да соработуваат за да ги остваруваат потребите и интересите на граѓаните“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека проектот вклучува широк спектар активности, како: реконструкција на постојната концертна сала, реконструкција и адаптација на влезниот хол на салата, реконструкција и офоморување на нова мултифункционална сала за мали камерни концерти, промоции, семинари, реконструкција, адаптација и опремување на библиотеката, инсталација на системи за греење и за ладење, нова аудио- и видеоопрема, инсталација на системи за сценски и светлосни ефекти и друго.
Според Костадиновска-Стојчевска, идните проектанти ќе имаат обемна, содржајна и сеопфатна работа со цел подобрување на состојбите во оваа национална установа како во делот на условите за изведувачките активности така и во делот на пообрување на условите за творење и создавање дела од локалните творци.
„Во целост, проектот претставува сериозен стимул за унапредување на состојбите во културата во овој регион. Затоа, чувствувам особено задоволство што преку овие капитални дотации поддржуваме локални проекти и иницијативи кои им даваат можност на граѓаните да се вклучат и да уживаат во културните активности“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека Министерството за култура во Годишната програма за 2023 г. поддржа голем број проекти на НУ Центар за култура Крива Паланка, на Градскиот музеј, како и за: работа на фолклорните анамбли во градот, Ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски“, детскиот фестивал „Распеано симитче“ и Музичкиот фестивал „Џој-фест“.
На крајот, министерката за култура упати голема благодарност до градоначалникот Сашко Митовски и до сите вклучени, за посветената работа во областа на културата и за заложбите за културен развој на Општина Крива Паланка.
Костадиновска-Стојчевска ги посети и Градскиот музеј и кривопаланечката тврдина – Кале каде што директорот на музејот Драган Величковски ја запозна со плановите и можностите за негова стручна валоризација.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, во рамките на посетата на Крива Паланка, ќе присуствува и на отворањето на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, настан од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2023“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

