Култура
Костадиновска-Стојчевска од Крушево: Поддршката од скоро десет милиони денари за развојот на културната програма дава резултати
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска беше во работна посета на Општина Крушево, каде што се сретна со градоначалникот Томе Христоски и направи обиколка на дел од националните установи од културата.
Костадиносвка-Стојчевска и Христоски ги разгледаа актуелните состојби во културата, а разговараа и за резултатите кои се постигнати со вложувањето во овој сектор, кој е еден од најважните за промоцијата на градот.
Таа рече дека Крушево и локалната самоуправа знаат да ја вреднуваат моќта на културата и според тоа влегуваат во приоритетите за поддршка на Министерството за култура, кое инвестира во изградба и обнова на културна инфраструктура.
„За крушевчани, 2023 е исклучително успешна година, во која се вложени речиси 10 милиони денари за културни настани, претстави, концерти, изложби кои го претставија градот како културен и туристички центар на овој регион од државава. Достоинствено одбележавме 120 години од Илинденското востание во рамките на манифестацијата „Крушево, град на културата 2023“, што ја поддржавме со сума од 3,4 милиони денари, рече министерката за култура.
Ги издвои позначајните проекти со кои Минситерството за култура преку Годишната програма ја поддржа оваа установа, како и „Спомен куќа на Тодор Проески“, а стана збор и за степенот на реализација на финасираните проекти од областа на заштитата на културното наследство, за што изманатава година се инвестирани околу еден и пол милион денари.
„Општината со богата историја, традиција и култура беше корисник и на Програмата за капитални дотации од областа на културата за единиците на локалната самоуправа, од која на Крушево му доделивме речиси 1,2 милиони денари за монтажната бина. Ова е потврда дека со добри проекти и идеи, успешно се остваруваат потребите и интересите на граѓаните, рече Костадиновска-Стојчевска.
При својата работна посета на Крушево, ги посети „Леарницата“ и „Спомен собата на Васил Иљоски“, која исто така е реализирана со поддршка на Министерството за култура, а се сретна и со в.д. директорот на новоформираната институција, НУ „Десет дена Крушевска Република“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба „Мал формат-Миниартура“ во Културно информативниот центар во Скопје
Во Културно информативниот центар во Скопје утре, 31.10., во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Мал формат-Миниартура“ на Друштво на ликовни уметници на Македонија.
Ќе бидат претставени дела во дводимензионален и тродимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација.
Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Култура
Објавен англискиот превод на научнофантастичната новела „До_адната книга“ од Стефан Марковски
Деновиве на Амазон, Bookshop.org, Palace Marketplace, Odilo, cloudLibrary, Borrow Box и други книжевни платформи беше објавена научнофантастичната новела „До_адната книга“ со апсурдистичко-сатирични и експериментални книжевни елементи од Стефан Марковски, која минатата година ја доживеа и својата објава на македонски јазик.
Новелата, со англиски наслов „The Bo®ing Book: A Sci-Fi Satire about the Art of Whatever Meaning Can Be“, има динамично дејство кое се развива низ повеќенасочна, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.
Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето спефицични облици на вештачка интелигенција чијашто цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото преку уште една негова одлика.
Книгата има 134 страници и е достапна во печатена и електронска верзија, вклучувајќи тврд и мек повез, како и Киндл формат.
Култура
Промоција на романот „Годините“ од француската нобеловка Ани Ерно
В сабота (1. ноември) ќе се одржи промоцијата на романот „Годините“ (2025, Илика) од француската нобеловка Ани Ерно во бифето на Младинскиот културен центар со почеток од 19:00 часот. Книгата ќе ја промовираат и за неа ќе разговараат Андријана Папиќ Манчева, преведувачката на романот, Ведран Диздаревиќ, уредникот на изданието, и Катерина Шекутковска, главната и одговорна уредничка на издавачката куќа „Илика“.
Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сѐ до почетоците на XXI век, романот „Годините“ претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“ врз коешто историјата го втиснува својот груб печат.
Ја опишуваат како бестрашно искрена книга, со која животот на Ерно се трансформира во историја, а сопствените спомени во колективна меморија на една генерација. Притоа, може да се гледа како еден вид „Во потрага по загубеното време“ на Пруст преосмислена за нашето време на доминација на медиумите и на консумеризам, за нашиот период на фетишизам на апсолутното удопство.
Со „Годините“, Ерно востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјектива и имперсонална, авторката си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикажеживотот и времињата на една цела генерација.
Ани Ерно (Лилбон, 1940) е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за (како што изјави комисијата) „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Нејзината авторска кариера трае повеќе од педесет години и има објавено повеќе од дваесет романи на најразлични теми. Покрај тоа што има добиено ред награди, има извршено и длабоко влијание на следните генерации француски писатели, особено врз Дидје Ерибон и Едуар Луј.

