Култура
Костадиновска-Стојчевска: Платите во културата пораснаа за 43% за две години благодарение на Општиот и Колективниот договор во културата
Сите вработени во културата, почнувајќи со исплатата за септември добиваат за 10% повисоки плати како резултат на Општиот колективен договор за вработени во јавниот сектор постигнат оваа година. Платите во културата, од почетокот на бранот покачувања во 2021 година, заедно со најновото покачување од септември 2023, се поголеми за 43%, вели министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Ваква динамика на покачувања на платите досега не е забележана во јавниот сектор во земјава, а до оваа драстична промена во полза на културните работници дојде со потпишувањето на Колективниот договор кој во претходните 15 години беше постојано најавуван, за конечно да се реализира во 2019 година.
Договорот придонесе за правичност во групирањето на работните места, за праведна валоризација на трудот на вработените, за остварување на правата на додатоци на плата, за спречување на злоупотребата на вработените во културата, за спречување селективност и фаворизација во утврдување на правата по работен однос и за регулирање на други релевантни прашања од работниот однос.
Благодарение на Колективниот договор, од 2020 година платите во културата беа зголемувани во неколку наврати и тоа за 1,65% во 2021, за 19,55% во 2022, за 12,55% во 2023 во март“, се наведува во соопштението од Министерството за култура.
„Платите во културата оваа година се зголемуваат по втор пат за уште 10% резултат на потпишувањето на Општиот колективен договор за платите во јавниот сектор, којшто гарантира континуиран раст на платите со решение кое нема да зависи од волјата и желбата на која било политичка партија и сега и во иднина.
Нагласуваме дека спроведувањето на Заклучокот на Владата за покачување на основната плата во јавниот сектор за 10 проценти што важи за целата држава се остварува согласно Општиот колективен договор. Имено, начинот на утврдување на основната бруто-плата е дефиниран во Колективниот договор за култура, а со поединечните решенија за плата само се констатира износот, се разбира зголемен за 10 % во согласност со член 14 од Општиот колективен договор.
За да биде попрегледно како растеа платите во културата од 2021 до септември 2023 година, најдобро се гледа од споредбата на податоците за неколку работни места и звања во дел од културните установи“, се додава во соопштението од Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.