Култура
Костадиновска-Стојчевска: Предлог-законот за управување со Охридскиот Регион придонесува за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на јавната расправа за Предлог-законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, која се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, рече дека се дискутира за значајно законско решение кое ќе има придонес врз зачување на статусот на светското наследство на Охридскиот Регион.
„Овој Предлог-закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион се изготвува согласно насоките наведени во Извештајот на Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО“, нагласи Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека препораките на УНЕСКО главно се однесуваа за уредување на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
„За ефикасно спроведување на надлежностите, Комисијата е конципирана во помал и компактен состав, со цел функционално и интегрирано управување со Охридскиот Регион, но и на спречување на активности кои може да имаат негативно влијание врз неговата исклучителна универзална вредност“, рече Костадиновска-Стојчевска. Напоменувајќи дека Комисијата за Охридскиот Регион ќе го следи спроведувањето на Планот за управување со Охридскиот Регион и Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство, министерката за култура нагласи дека во Комисијата ќе учествуваат засегнати чинители, експерти и претставници од граѓанските организации од областите на природното и културното наследство.
„Со оглед на тоа што најсериозна закана за природното и културното наследство во Охридскиот Регион е засилената урбанизација на Старото градско јадро на Охрид и на крајбрежјето на Охридското Езеро, во надлежност на Комисијата за Охридскиот Регион се и издавањето мислења“, информираше Костадиновска-Стојчевска, појаснувајќи дека оваа комисија за прв пат е формирана во 2018 година, иако Законот за управувањето со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е донесен во 2010 година.
Заблагодарувајќи се на претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот Регион, Зоран Павлов, министерката за култура го нагласи позитивниот придонес во намалување на активностите кои негативно влијаат врз исклучителната универзална вредност на доброто.
Костадиновска-Стојчевска пред присутните на јавната дебата потенцираше дека со Предлог-законот не се регулирани аспектите на посебната заштита на природното и културното наследство, напоменувајќи дека посебната заштита е дефинирана со закони од областа на животната средина и природата, како и од областа на заштитата на културното наследство.
Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид остануваат надлежни установи од стручен аспект на заштита на културното наследство во Охридскиот Регион, и во тој контекст, рече Костадиновска-Стојчевска, службите што ги изработуваат и издаваат заштитно-конзерваторски основи и другите акти треба да го подобрат квалитетот на овие акти, во согласност со меѓународните стандарди за непосредна заштита.
„Подготвеноста на стручните служби се основен предуслов за спречување на натамошното осиромашување на архитектонските и урбанистичките вредности на доброто, но и на сите содржини што го претставуваат културното наследство. Негрижата за културното наследство треба да биде санкционирана, и за имателите и за надлежните служби“, истакна министерката за култура.
Таа напомена дека комплексните активности кои треба да се преземат во следниот период претпоставуваат одговорност и посветеност во реализација на активностите на многу чинители во процесот, Владата на РС Македонија, министерствата и и сите други субјекти.
„Најзначајниот фактор за успех на координираното управување со Охридскиот Регион е цврстата и јасно изразена политичка волја на јавниот сектор, како и ангажманот на општините изразен како свесен избор на локалните власти, без разлика на видот на конфликтите и тешкотиите кои ќе се појавуваат во поединечните фази од процесот“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.
Носител на Предлог- закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион е Министерството за култура, a е изработен во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, и со сите засегнати страни, вклучително и невладиниот сектор. Јавната расправа се одвиваше во конструктивна атмосфера и беше заклучено повикот за вклучување на сите заинтересирани со забелешки да е отворен до 12 февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музичкиот ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово добива простории за работа на трајно користење
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука со којашто на Националната установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово, му се даваат на трајно користење, без надомест, простории кои се наоѓаат на улица „Тетово” б.б, Тетово, сопственост на Република Северна Македонија.
Задолжение да се реши просторното сместување на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата
Во врска со сместувањето на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, по насока на претседателот на Владата, задолжено е Министерството за култура да ја разгледа постојната документација, испратена од Н.У. Галерија Гостивар до Владата и да излезе со предлог решение во врска со нејзиното трајно сместување.
Култура
Заокружена серијата мурали што го отворија 19. издание на АКТО-фестивалот за современи уметности
Серијата мурали во државата – акцијата со која и официјално се отвори најновото 19-то издание на АКТО-фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружена со последните два мурала во Кичево и Скопје.
Во центарот на кичевската чаршија, на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и на предната фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова, во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот е да поттикне размислување за потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативните контексти/дејности.
Во соработка со ФРУ – Скопје идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на домот на култура – како простор каде што се негуваат културата и уметноста иницирани од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови во кои сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, преку заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница во која едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој.
Муралот, кој се реализира во март во Скопје, на зградата што се наоѓа на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, побуди позитивни чувства и кај соседните згради, така што резултира со уште една иницијатива за реализација на мурал како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализира мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт, кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови што ги ослободуваат сите!“ Со овој мурал фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.
Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата може да се создадат иницијативи и услови што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам.
Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и во Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до нив – со силата на заедништвото.
Култура
Самостојна изложба на Камуран Горанци, „Код 4“
Самостојната изложба на Камуран Горанци во објектот Чифте амам ќе биде отворена на 9. 5. 2024 година во 19 часот. Ќе бидат изложени 22 дела изработени во техниката акрилик на платно, кои се работени во периодот од 2020 до 2024 година.
Сликите имаат техничка еволуција од неговите претходни изложби, како што се „Код 1“ во Келн, Германија, „Код 2“ во Галеријата на Тирана во Албанија и „Код 3“ во Галеријата на Скадар во Албанија, како и оваа самостојно конципирана „Код 4“ во Националната галерија на Република Северна Македонија обележан со софистицираност на изразните средства и обид за филозофирање.
Овој уметнички настан се одржува во центарот на Скопје, каде што ги гледаме традицијата и современата комуникација, една многу важна улога во контекст на неговата креативна индивидуалност.
Во повеќето случаи сликата е граматичка анализа, композиција, а во исто време дезинтеграција на оние алатки што историски му биле доверени на уметникот да се манифестира таму каде што креативното и животното искуство континуирано се негувале низ годините и страсно го чувале и сакале хроматското богатство.
Боите во овие композиции се пастуозни, камени, расфрлени овде-онде, што означуваат експресивна состојба. Така, во овие случаи се претставени некои апстрактни експресионистички слики, иако со рамнотежа на топлина и студ, светло и темно, придружени со чудни форми и голи бои. Во овие слики од периферијата на сферата на боите се преминува на површината, каде што техниката на реализација изгледа важна. Тие се реализираат со максимум изразни средства, цртежот оди до границите на небитието за да се нагласи присуството на вредноста на убавината во една средина во која владее хаос и динамизам.
Сите слики во оваа свечена пригода се разработени врз чувствителноста и хармонијата, кои сега се присутни и кодирани од уметничкиот аспект, конечно фиксирајќи ја неговата реалност, слики и емоции во структурите на неговите соништа. Тој комуницира со љубов во универзална слика, која се наоѓа далеку од нашето постоење, како нешто пооддалечено од непознатото до познатото, на фигуративен, едноставен и ветувачки начин.
Да се замрзнат во нив суптилните односи меѓу боите, во специфичен израз, следејќи ја побарувачката за нови, поатрактивни слики за да се интервенира во невидливиот свет, кој секогаш е проследен со граница, а кои се појавуваат како конечни експлозии на вртоглав просторот, но не како оние на универзумот. Она што те привлекува во композициската конструкција е несомнено справувањето со логичките формации.
Преку него се создаваат монументални композиции, каде што деталите и најголемите мерки се решаваат со намалување и зголемување на колористичките траги за да се видат понатамошни специфични третмани во нивните рекомпозиции.
Зени Балажи, куратор