Култура
Костадиновска-Стојчевска: „Синедејс“ на плус 40 степени на скопскиот асфалт беше како извор на пријатна свежина
Со македонската премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски во Младинскиот културен центар заврши 22. издание на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање изрази задоволство што е дел од затворањето на овој извонреден фестивал, кој го вреднува и го поддржува творечкиот уметнички потенцијал на врвни македонски и европски авторски филмски остварувања.

„Во изминатите шест дена секој прикажан и изгледан филм беше достоен за почит, а секој доловен восхит од страна на филмската публика претставува доказ дека заеднички продолжуваме да ја раскажуваме дводецениската приказна со наслов ‘Синедејс’. И, навистина, филмските вечери во вжарениот јули, на плус 40 степени на скопскиот асфалт, беа како извор на пријатна свежина за над 5.000 посетители, филмски работници, режисери, продуценти, сниматели, музичари, студенти или едноставно, само љубители на филмската уметност“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека Министерството за култура уште од самите почетоци го поддржува Младинскиот културен центар, а со тоа и „Синедејс“ како фестивал кој од својот зачеток беше од ревијален карактер и со текот на времето успеа да се искали и да прерасне во сериозен фестивал на европскиот филм со натпреварувачки карактер.

„Скопје преку ‘Синедејс’ може да се гордее со одлична филмска атмосфера, која не е помалку привлечна од европските кинематографски метрополи. Благодарност до целата екипа на Фестивалот што се труди секоја година да има македонски филмови на отворањето и на затворањето. Затоа честитки и до екипите на новите македонски филмови: ‘М’ на Вардан Тозија и ‘Бизнисот на задоволството’ на Гоце Цветановски“, додаде министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека Фестивалот на европскиот филм в година заслужено ќе блесне во уште поголем сјај бидејќи, како што рече, генерации и генерации млади луѓе пораснаа со него и културно се оформија како личности.

„Им пожелувам да продолжат да гледаат или да снимаат македонски филмови и филмот засекогаш да им остане нивна животна пасија, определба и водилка“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Беа врачени и годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба, кои ги доделуваше жири-комисијата, во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума – режисерка и Ереник Бекири – режисер. На Фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател, и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови.

На годинашното издание на Фестивалот на европските филм „Синедејс“, на сцената на киното „Фросина“, на летните кина под отворено небо – „Мирно лето“ во Кинотеката и во паркот зад МКЦ – беа прикажани 40 филмски проекции од најновата европска продукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

