Култура
Костадиновска-Стојчевска: Со Сојузот на борците продолжуваме да го чуваме делото на храбрите визионери на кои им ја должиме слободата
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска учествуваше на трибината по повод јубилејот 80 години од ослободувањето на градовите во државата на која рече дека, почитта кон хероите од НОВ и НОБ во нас ја буди вербата во идеалите, ни дава храброст и мудрост да продолжиме во градењето и обликувањето на визијата за слободна и демократска татковина.
-Како внука на носител на Партизанска споменица и како почитувач на жртвата и пожртвуваноста на сите борци, со гордост можам да кажам дека ние, како наследници на знајните и незнајните јунаци, го чуваме нивниот аманет. Со него живееме и е наше секојдневие и инспирација во градење на правично, демократко, модерно и европско општество, истакна Костадиновска-Стојчевска во Градскиот народен одбор.

Министерката за култура зборуваше за обвсрката што како поколенија ја имаме за чување и одбележување на сите борци кои ни ја подарија државата, и додаде: „Да се сеќаваме на АСНОМ, на сите кои помогнаа да се кодифицира и да се стандардизира македонскиот јазик, да стане дел од ЕУ и евртопското семјество како македонски јазик, да бидеме Македонци горди на својата историја, и никој не може ниту да ни ја земе ниту да ни ја избрише“.
Таа потенцираше дека како еден од приоритетите и нејзини и на Министерството за култура е секако превентивната заштита на спомениците од НОБ со што се потврдува посветеноста за зачувување на богатото културно и историско наследство за идните генерации.
-Овие споменици повеќе од 30 години воопшто не беа третирани и никој не се грижеше за нив. Затоа минатата година поправивме дел, а годинава продолжуваме и со останатите. За таа цел во некои установи од областа на културата минатата година воспоставивме и нова буџетска ставка за тековно одржување на спомениците, рече министерката за култура.

Владата и Министерството за култура се искрени поддржувачи на Сојузот на борците и како што истакна министерката за култура, и во иднина продолжува поддршката и негувањето на делото на жртвите на партизаните.
Костадиновска-Стојчевска изрази жалење што и годинава продолжува оштетувањето на спомениците од кои дел се под ингеренции на локалните самоуправи, кои не покажаа интерес за нивна заштита.
На трибината која се одржа во организација на Сојузот на борците учествуваа и министерките за одбрана и за труд и социјална политика Славјанка Петревска и Јована Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

