Култура
Костадиновска-Стојчевска: Уметноста преку „Отворен Балкан“ нè зближува со Европа
Синоќа, во Културниот центар на Србија во Париз, во присуство на многубројна публика од јавниот живот и дипломатскиот кор, највисоките претставници од амбасадите на Северна Македонија, Албанија и на Србија, на уметници, беше отворена изложбата „Супстрати“ – заеднички проект на иницијативата „Отворен Балкан“.
На изложбата, која е под покровителство на министерствата за култура на трите балкански држави, се обрати министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која со министерките Елва Маргарити и Маја Гојковиќ ја потврди идејата за афирмација на целите на иницијативата за креирање европски држави на Балканот.
„Супстрати“, збор што јас го толкувам како сојуз во креативноста, е насловот под кој вечерва се собравме во Градот на светлината за да го почитуваме дијалогот меѓу уметниците, да се восхитуваме на заедничкото творештво и да додадеме агол на светлината, не за да го засилиме одразот на сенките на Балканот, туку за да ја извадиме од сенка сета убавина на културите на Балканот. Зашто Балканот е плодна почва за нашето културно стебло за чија здравост сведочи раскошната крошна, на која еднакво ѝ е неопходна светлината“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ѝ се заблагодари на кураторката Клаудија Паецолд за извонредната замисла, како и на авторите: Кристина Пулејкова, Нина Жељковиќ и Дријант Зенели, кои, како што рече, го бараа и проникнаа во најдоброто во културата на соседот.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска им се заблагодари на уметниците зашто, како што вели, тие отидоа длабоко во историјата за да ни овозможат повторно да се сретнеме во овој миг и да продолжиме кон иднината – европската, демократската, хуманата… – зашто тоа е патот што го посакуваме, и додаде:
„Цврсто верувам дека силата на културата, соработката и креативноста ќе ја израснат и политичката соработка. Културата секогаш нè издигнува на ново поквалитетно ниво. Затоа и овој пат не изостана поддршката на трите министерства за култура – српското, албанското и македонското. И тука сме, во прекрасните простории на Културниот центар на Србија во Париз, во духот и на иницијативата ‘Отворен Балкан’. ‘Отворен Балкан’ не значи дека сите прашања на Балканот се затворени. Но, да се отвори Балканот, тоа веќе е прашање на далековидост и широчина. Процесот е почнат, а ‘Супстрати’ е доказ за цврстината на стеблото што го негуваме. Глупаво е да го искушуваме врежувајќи иницијали како лоши пораки на неговата кора“, рече таа.
Министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, зборуваше за Балканот како раздвижен и помалку разбрануван регион, каде што силно се дискутира за потеклото на некоја песна, но истовремено сите продолжуваме да ја пееме истата песна, да ги раскажуваме заедничките легенди, да свириме на истите инструменти. Таа рече дека оваа изложба како регионален проект, и уметноста воопшто, е причината зошто сме сите овде заедно.
Министерката за култура на Србија, Маја Гојковиќ, зборуваше за важноста на оваа изложба, која е резултат на само една година работа по потпишувањето на меморандумот за соработка на „Отворен Балкан“ во Охрид.
„Покажавме дека културата не познава граници, ниту е роб на предрасудите и дека таа лесно ги надминува сите бариери. Проектот „Отворен Балкан“ и сето она што досега е постигнато благодарение на него се заеднички напор кон создавање нова, секако подобра слика за нашиот регион во светот“, рече Гојковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби инспирирани од творештвото на Франц Кафка
По повод 100 години од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), еден од највлијателните европски и светски писатели на 20-от век, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби.
Делата, напишани на македонски јазик, може да бидат во вид на расказ или есеј, а секој автор може да учествува со една творба на слободна тема, инспирирана од книжевните дела и/или животот на Кафка.
Максимална должина на секоја од испратените творби е 5 000 зборови.
Творбите да се потпишат со шифра, а на посебен лист да се пополни пријава за учество на конкурсот со следниве податоци: шифра, име и презиме, наслов на испратено дело, телефонски број, e-mail адреса и адреса на живеење.
Пријавите за литературниот конкурс да се испратат на е-адресата на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија: [email protected], најдоцна до 25-ти мај 2024 година.
По завршувањето на конкурсот, ќе бидат доделени парични награди за трите најдобри творби.
Конкурсот е без возрасни ограничувања за авторите или авторките.
Секоја непотпишана и нецелосна пријава на конкурсот нема да биде разгледана од страна на жири-комисијата, се наведува во соопштението.
Култура
Музичкиот ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово добива простории за работа на трајно користење
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука со којашто на Националната установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово, му се даваат на трајно користење, без надомест, простории кои се наоѓаат на улица „Тетово” б.б, Тетово, сопственост на Република Северна Македонија.
Задолжение да се реши просторното сместување на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата
Во врска со сместувањето на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, по насока на претседателот на Владата, задолжено е Министерството за култура да ја разгледа постојната документација, испратена од Н.У. Галерија Гостивар до Владата и да излезе со предлог решение во врска со нејзиното трајно сместување.
Култура
Заокружена серијата мурали што го отворија 19. издание на АКТО-фестивалот за современи уметности
Серијата мурали во државата – акцијата со која и официјално се отвори најновото 19-то издание на АКТО-фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружена со последните два мурала во Кичево и Скопје.
Во центарот на кичевската чаршија, на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“, на надворешната и на предната фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова, во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот е да поттикне размислување за потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативните контексти/дејности.
Во соработка со ФРУ – Скопје идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака), но и ја доловува функцијата на домот на култура – како простор каде што се негуваат културата и уметноста иницирани од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови во кои сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, преку заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница во која едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој.
Муралот, кој се реализира во март во Скопје, на зградата што се наоѓа на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, побуди позитивни чувства и кај соседните згради, така што резултира со уште една иницијатива за реализација на мурал како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализира мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт, кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови што ги ослободуваат сите!“ Со овој мурал фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.
Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата може да се создадат иницијативи и услови што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам.
Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и во Кичево), од кои два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до нив – со силата на заедништвото.