Култура
Костадиновска-Стојчевска-Храст: Пријателските односи ќе ги зацврстиме со конкретни проекти
Република Македонија и Чешката Република имаат одлични релации на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО. На полето на културата, пред двете земји се огромен број можности и уште поголем потенцијал за подинамична соработка, која треба да се интензивира во периодот што следува – се согласија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-министерот за култура на Чешката Република, Ондржеј Храст, на денешната работна средба во Прага.
На состанокот, кој помина во пријателска атмосфера, министерката Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност за поддршката што ја дава Чешка за евроинтеграциските процеси на земјите од Западен Балкан. Таа изрази уверување дека во рамките на чешкото претседателство со ЕУ уште повеќе ќе се стави акцент на заедничките заложби за зацврстување на мирот, демократијата и дијалогот во Европа.
„Зборувавме за начините на интензивирање на соработката помеѓу националните филхармонии и оперско-балетските куќи, галериите, саемите на книга, како и за можностите од поинтензивна соработка помеѓу меѓународните фестивали кои ги имаат двете земји во разни области од уметноста“, вели министерката Костадиновска-Стојчевска.
На средбата, таа ги нагласи и активностите на Северна Македонија за вклучување на културата во Агендата за Западен Балкан на ЕУ, како и добрите практики на македонските корисници на Програмата „Креативна Европа“ и на инструментите за претпристапна помош на ЕУ во прекуграничната соработка.
Соговорниците истакнаа дека во наредниот период ќе ја обноват Програмата за соработка помеѓу двете министерства и ќе ја засилат комуникацијата за воспоставување поинтензивна соработка меѓу сродните институции во двете земји.
Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, предложи да се иницираат заеднички работилници од областа на креативните индустрии или средби на соодветно ниво на кои би се размениле искуства во оваа сфера. Заменик-министерот Храст, пак, сподели чешки искуства за поддршка на младите уметници и иницираше активности за поддршка на најмладите кои имаат свои интернационални мрежи на поврзување и зближување.
На средбата стана збор за позитивните искуства од соработката во филмската дејност, како и редовните претставувања на кинематографските остварувања во двете земји. Македонската министерка за култура изрази задоволство што и по повод одбележувањето на чешкото претседателство со ЕУ, меѓу содржините што ќе се претстават пред чешката јавност се и поновите филмски остварувања на авторите од Република Северна Македонија.
Соговорниците ја истакнаа и соработката меѓу двете земји на мултилатерално ниво, особено во рамките на активностите на Форумот на словенските култури.
Костадиновска-Стојчевска упати покана до заменик-министерот Храст да биде гостин на културните содржини што денеска и утре се организираат во Прага, Чешка, по повод одбележувањето на чешкото претседателство со ЕУ и Денот на независноста на Северна Македонија – 8 Септември.
Вечер, во рамките на Деновите на македонската култура во Чешка, концерт ќе одржи реномираниот Камерен оркестар од Битола со истакнатите солисти Влатко Стефановски и Тамара Тодевска.
Утре, во престижниот театар „Divadlo Apollo“ ќе биде одиграна претставата „Антитело“, авторско дело на студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на проф. Зоја Бузалковска.
Во рамките на програмата, од 7 до 9 септември се реализира и Ревија на македонски филмови во организација на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

