Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ја враќаме поставката во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц, заедно со државите од регионот
Во седиштето на УНЕСКО во Париз денеска беше потпишан Договорот за финансирање на повторно воспоставување заедничка постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау во Република Полска.
Присутнитните гости и членовите на делегациите од земјите потписнички: Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Словенија ги поздрави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска не беше во можност да присуствува на церемонијата на потпишување на овој историски Договор, кој претходно го потпиша во Скопје. Нејзиното поздравно обраќање го пренесе Рефет Хајдари, вршител на должноста во Постојаната делегација на Северна Македонија при УНЕСКО во Париз.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до Организацијата на Обединетите Нации за образование, наука и култура – УНЕСКО и до генералната директорка Одре Азуле, до Австрија и Полска, како и до сите министри на земјите учеснички за посветеноста во овој значаен процес.
„ Овој договор е манифест на силна регионална соработка базирана на доверба и разбирање, и уште една потврда дека дијалогот е најхомогениот медиум кој носи решенија преку кои се продолжуваат пораките за почитување на универзализмот и хуманизмот“, порача во своето обраќање министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура истакна дека македонската Влада останува посветена во зачувувањето на историјата чувајќи го сеќавањето за холокаустот како мост меѓу минатото и иднината, потврдувајќи го значењето на мирот и толеранцијата.
„Блокот 17, како дел од музејскиот комплекс, повторното воспоставување на заедничка поставка е наш долг и обврска кон минатото, почит и сеќавање на холокаустот за никогаш да не се заборави, за никогаш да не се повтори“, се вели во обраќањето на министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска по повод одбележувањето на овој значаен настан вели дека сите народи во светот имаат одговорност да дадат свој посебен придонес кон мирот и хармонијата, да се залечат раните од минатото, да се сеќаваме, но не и да заборавиме, да се бориме против сите облици на насилство и антисемитизам за доброто на идните генерации.
Покрај церемонијата на потпишување на договорот за постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау која треба да биде дизајнирана од познатиот архитектот Даниел Либескинд, во седиштето на УНЕСКО во Париз се одржа и пригодна програма со повеќе културни содржини со кои се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

