Култура
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ на филмскиот фестивал Tous Courts во Франција
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју продукција“ ќе биде прикажан в среда. на 30 ноември 2022 годин.а во 16:30 часот и петок, 2 декември 2022 година, во 14 часот во меѓународната селекција на 40-тото издание на филмскиот фестивалот Tous Courts во Екс-ан-Прованс, Франција.
Веќе 40 години фестивалот е во потрага по филмови што го прикажуваат богатството и различноста на меѓународната продукција на кратки филмови. Целта на фестивалот е да им даде простор на креативноста и слободата, да ја зачува културната разновидност, да дозволи краткиот филм да се врати во кината, да придонесе за појава на нови таленти и да ѝ даде на публиката уметничко задоволство во повторно откривање на богатствата на кратките филмови. Преку своите бројни програми, фестивалот прикажува повеќе од 200 филмови, како современи нови дела, но и од етаблирани автори. Постојано барајќи нови хоризонти, овогодишното издание ветува уште еден збогатен и решителен нов состав.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе ”, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју продукција“, досега има освоено 6 награди на различни меѓународни фестивали за краткометражни филмови и е во селекција на уште 16 меѓународни филмски фестивали во САД, Канада, Франција, Германија, Албанија, Италија, Парагвај, Турција, Романија и Аргентина.
Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Видео) „И јас сум Сирма” ја запали Македонија: лектира, историска читанка и „Оче наш“ на секој Македонец“
Најновата книга „И јас сум Сирма“ на авторот Зоран Спасов-Sоф ги сруши сите стереотипи за промоција не една книга. Издавачот „Арс ламина“ направи своевидна револуција во промовирањето на овој исклучително контроверзен роман.
Горат социјалните мрежи, порталите, брендирани автобуси возат низ градот, дваесетметарска реклама осамна спроти Владата, на радиостаниците ги слушаме трите реклами со баритонот на Александар Микиќ…
Двоецот „Арс ламина“ – Sоф ја помести границата за промоција на едно дело од областа на културата. Дури и оние што не читаат книги ја посетуваат веб-страницата www.ijassumSirma.mk за да дознаат повеќе информации за овој роман.
Првиот дел од кампањата заврши со спектакуларната промоција во МКЦ, каде што преку илјада книгољупци ја дочекаа Сирма да се појави на бината, придружена од нејзиниот „Сирма рокенрол-бенд, кој со еден пинкфлојдовски и седумосмински аранжман ја изведе „Заветна”.
Книгата се продава во салоните на www.literatura.mk. Исто како и пртходно, и овој пат, кога станува збор за „Арс ламина“ и Зоран Спасов-Sоф, средствата од продажбата ќе бидат наменети во хуманитарни и добротворни цели.
ПР-текст
Култура
Претставатата „Земја на штркови“ вечерва гостува во Свети Николе
Вечерва со почеток од 20:00 час. во ДК “Крсте Мисирков” – Св.Николе, гостува Театар Провокација со претставата “ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ” во режија на Роберт Ристов.
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде – тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Истата оваа претстава на 26.11 гостува во Пробиштип, на 06.12 Велес, на 10.12 по втор пат ќе гостува во Охрид, а на 11.12 ќе ја има и скопската премиера во МКЦ.
Култура
Овации за маестро Дијана Имери-Илкоска во Софија
По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот со наслов „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика нејзиниот настап го нарече величествен, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во салата „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll и бр. 2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури маестро Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат, кој останува автентичен и препознатлив по речиси три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот, кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестро Илкоска е основач и главен диригент на камерниот оркестар ИД, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри, меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и Балет, Симфонискиот и Камернииот оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…