Книги
Промоција на книгата „Ехо на слободата“ од Ана Јовковска во Куманово

Во малата сала во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово денеска ќе се одржи промоција на книга „Ехо на слободата“ од Ана Јовковска. Промотор на книгата ќе биде професорот Александар Прокопиев.
Ана Јовковска (1982) е новинарка, уредничка, ТВ-водителка, авторка, продуцентка, лицe за односи со јавност и промоција, активистка и хуманистка. Од 2015 година работи за магазинот „Портрет“ како новинарка, колумнистка и лице за односи со јавност и промоција. Од 2018 година е ангажирана и на меѓународниот фестивал за дебитантски филм „Кине нова“ како раководител на секторот за односи со јавност, како и автор на неколку програми во склоп на фестивалот.
Таа е особено позната како авторка, водителка и продуцентка на дебатната емисија „Пулс“, која се емитуваше од 2007 година во најгледаните термини на телевизија, за што неколкупати е наградувана за најдобар ТВ-проект во Македонија. Авторка е на две книги – „Пулсот и времето“ и „Ехо на слободата“.
„Пулсот и времето“ е монографска збирка на интервјуа што обработува теми од интердисциплинарен карактер – уметност, филм, книжевност, филозофија, политика и друго. „Ехо на слободата“ е збирка дијалози која ќе биде публикувана и промовирана во април 2018 во издание на издавачкиот центар „Три“.
Ана Јовковска пишува поезија и проза, а социјалните мрежи ѝ се пасија. Нејзината фејсбук-страница со официјална бројка од речиси 27.000 регистрирани посетители (следбеници и пријатели) претставува ефикасна ПР-платформа со голема видливост и посетеност. Ужива да вози велосипед не само како рекреативно туку и како еколошко превозно средство. Им помага на луѓето и животните како начин да го оправда своето постоење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија

Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).