Култура
Литература, филм и музика на 7. интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“
Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“ ќе биде отворен в недела (19 мај) во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Годинешниот лауреат на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и еден од водечките современи бугарски писатели, Алек Попов, ќе биде во друштво на ланскиот лауреат – српската легенда Светислав Басара. На новото издание на фестивалот ќе им се придружат познатиот српски колумнист, новинар и писател, Теофил Панчиќ, словенечката писателка и книжевна преведувачка од англиски и од француски јазик, Једрт Лапух-Малежич, турскиот бестселер романсиер, есеист и сценарист Тарик Туфан, независниот хрватски писател Ивица Пртењача, специјалниот гостин Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот победник на Кан од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“, како и нам добро познатата писателка, филмска критичарка и есеистка Јагода Михајловска-Георгиева.
Со нив ќе разговараат македонските писатели: Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски, а модератор ќе биде Ана Јовковска. Гости на отворањето ќе бидат и четворицата членови на програмата „Скопје фелоушип“ – еден од најпознатите литературни агенти и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ од Париз, Пјер Астие, уредничката во издавачката куќа „Пол Солнај и Дојтике“ од Виена, Бетина Вергетер, Катја Урбанија од словенечката издавачка куќа „Гога“ и Реџеп Хида, директор на првата приватна издавачка куќа од Албанија, „Фан Ноли“.
На вториот фестивалски ден, 20 мај (понеделник), во 17 часот, во Турскиот културен центар „Јунус Емре“, ќе се одржи отворена дискусија „Ерџан Кесал во Скопје!“, која ќе ја модерираат Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски. Два часа подоцна, од 19 часот, во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи тркалезна маса „Литература, страв, политика“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на програмата „Скопје фелоушип“.
Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.
Фестивалот ќе биде затворен на 21 мај во Даут-пашиниот амам во 20 часот кога писателите ќе читаат извадоци од своите дела.
На затворањето ќе се обратат лауреатот зa 2019, Алек Попов, и лауреатот зa 2018, Светислав Басара. Гоце Јованоски („Фолтин“) и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Мисија Лондон“ според романот на Алек Попов.
Фестивалот годинава се одржува со мото „Синергија: литература, филм, музика“. Новитет од годинава е воведувањето нови програмски содржини на фестивалот со спој на проза, музика и филм во синергија.
Во чест на лауреатот следниот ден, 22 мај, во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот „Мисија Лондон“, во кој копродуцент е нашиот Огнен Антов, а бугарскиот режисер Димитар Митовски го сними според сценариото на Алек Попов. Предвидено е и обраќање на Попов и панел со Александар Прокопиев.
„Про-За Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медија“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, од „Традуки“, делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и винарницата „Бовин“.
Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски, а уметнички директор е Александар Прокопиев. Претседател на одборот за доделување на наградата е Ермис Лафазановски, а продуцент Никола Мадешовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

