Култура
Литературен конкурс за основците од Кисела Вода по повод Националниот ден на Унгарците
Општина Кисела Вода заедно со Амбасадата на Унгарија во Македонија и здружението на Унгарците во Македонија и оваа година ќе го одбележи Националниот ден на унгарскиот народ – 15 Март. По тој повод во основните училишта на територијата на општина Кисела Вода е распишан конкурс на две теми. Првата тема е „Животот и делото на Шандор Петефи“, а втората „Унгарската национaлно-ослободителна војна и буржоаска револуција 1848-1849“.
Право на учество на конкурсот имаат сите ученици од основните училишта во Општина Кисела Вода, кои имаат наполнето 10 години. Изработените трудови може да бидат во сите видови пишувана форма (есеи, раскази, поезија…) или во вид на видеопрезентација со придружен текст, а ќе ги оценува комисија од Општина Кисела Вода.
Крајниот рок за нивно доставување е 12.3.2018 година. За најдобрите учесници на конкурсот се обезбедени и награди. Наградените за двете освоени први места, во секоја од зададените теми, од страна на Амбасадата на Унгарија во Македонија и здружението на Унгарците во Македонија „Теледом“ ќе добијат организирана деветдневна екскурзија во Унгарија (од 2 до 11.7.2018 година).
Најдобрите трудови ќе бидат јавно прочитани на свеченоста по повод Националниот ден на Унгарците, која ќе се одржи на 16 март пред спомен-плочата на големиот унгарски поет и револуционер Шандор Петефи во населбата Драчево.
Ова е само еден од проектите што беа договорени на неодамнешната средба на градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, со амбасадорот на Унгарија во Македонија, неговата екселенција Ласло Дукс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ во КСП Центар-Јадро
Вечерва, во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро ќе се oтвори изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“, дел од континуираната читачка група што веќе пет години функционира во рамките на програмата за критичка теорија и современа уметност.
Оваа година форматот е проширен – покрај теоретските средби, проектот вклучува и уметничко истражување кое ја поврзува теоријата со уметничката практика, отворајќи простор за нови форми на критичко изразување и дијалог со јавноста.
Темата за ова година „Јавен простор – Место за конфликт“ се фокусира на политичките, социјалните и економските сили што го обликуваат јавниот простор, како и на начините на кои пристапот, сопственоста и контролата влијаат врз неговата демократска природа.
Изложбата „Мрежи замесени, очи претечени, процеси пер-течени“ е создадена од уметниците Ивана Мирчевска, Елена Чемерска и Амир Карахасан, во рамки на процес инициран од Ѓорѓи Пулевски и модериран од Ивана Драгшиќ.
Таа истражува како телата, гестовите и блискоста стануваат облик на отпор и колективно преосмислување на јавниот простор – терен каде се судираат различни желби и логики на присуство. Во време кога просторот на градот се сведува на транзитна зона, изложбата предлага перформативен и поетски гест на враќање на чувството на заедништво, припадност и заедничко битисување
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб концертот на триото „30 прсти“ ја воодушеви загрепската публика
Во македонскиот КИЦ во Загреб, пијано триото ,,30 Прсти” во состав Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, со својот ексклузивен шестрачен пијано концерт приреди единствено музичко доживување за загребската публика.
Во својот поздравен говор директорката на македонскот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска истакна дека, камерниот ансамбл „30 прсти“со својот концерт во Загреб го продолжува своето уметничко патување, збогатувајќи ја областа на камерната музика и градејќи естетски тренд препознатлив дури и за најсофистицираните познавачи на уметничката музика.
Триото „30 прсти“ е првиот и единствен македонски ансамбл од ваков вид. Во последните три години, тие одржаа тринаесет концерти – десет во земјата и три во странство (Австрија, Бугарија, Србија). Посебен пресврт беше одбележан со минатогодишниот настап, кога за првпат во историјата на македонските пијанистички концерти изведоа дело за шестрачно пијано и камерен оркестар.
Негувајќи посебна љубов кон македонското музичко наследство, пијано триото ,,30 Прсти” во својот репертоар вклучува дела специјално напишани и адаптирани за овој уникатен ансамбл, што е предизвик и инспирација и за домашните композитори.
Концертот во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски профсори, студенти на Музичката академија во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Култура
Една од најголемите актерски икони за бракот со славниот режисер: „Застрашувачки. Не беше свесен колку бес има во него“
Легендарната актерка Изабела Роселини (73) за првпат јавно проговори за својот турбулентен брак со режисерот Мартин Скорсезе (82) и за неговите напади на бес, во новиот документарен филм на „Епл“ – „ Господин Скорсезе“.
Роселини и оскаровецот Скорсезе беа во брак од 1979 до 1982 година, во периодот кога се снимаа неговите култни филмови „Разјарениот бик“ (1980) и „Кралот на комедијата“ (1982).
Ќерката на славните Ингрид Бергман и Роберто Роселини се потсети на режисеровите бурни испади на гнев кои, како што нагласува, никогаш не биле насочени физички кон неа, но создавале многу напната атмосфера.
„Знаеше страшно да се налути“, раскажала Роселини во третата епизода од серијата. „Не кон мене, но можеше да демолира цела соба. Еден негов пријател еднаш го снимил и му ја покажал снимката. Марти беше шокиран – не бил свесен колкаво ниво на насилство можело да излезе од тоа ситно, астматично тело. Беше како вулкан. Беше застрашувачки.“
Таа додава дека често не се ни сеќава на причините за таквите испади.
„Понекогаш тоа беше нешто ситно, безначајно. Ќе се разбудеше и ќе почнеше да вика: ‘Кога ќе го сретнам, ќе му кажам…’, а јас му велев: ‘Марти, денот уште не почнал’. Со време сфатив дека тој бес делумно беше негов погон, нешто што му даваше храброст. Тој беше мало момче од уличките на Италија кое одеднаш требаше да води големи продукции. Мислам дека таа енергија, иако деструктивна, му помагаше да издржи и да ги заврши филмовите. Беше комплексно да се живее со него“, рекла актерката.
Во документарецот и самиот Скорсезе се осврнува на тој период, признавајќи дека тогаш се борел со тешка депресија.
„Имав сериозни лични проблеми. До таа мера што не можев да го монтирам ‘Кралот на комедијата’, филмот ми излезе од контрола“, изјавил режисерот.
На прашањето дали бил депресивен, одговорил: „И те како. Никогаш не сум почувствувал таква депресија – се обидував да работам, но не можев. Имав проблеми, бев луд, се обидував да започнам нови врски, но ништо не успеваше. Да не беше мојот доктор, кој ме примаше пет дена неделно и ме повикуваше и за време на викенд, веројатно немаше да бидам жив. Бев на многу силни лекови и едвај преживував. Беше ужасно осамено, но тоа беше моја вина.“
Бракот со Роселини му беше трет по ред. Скорсезе се има оженето пет пати, а од 1999 година е во брак со продуцентката Хелен Морис, со која ја има ќерката Франческа (25). Од претходните бракови има и ќерки Кети (59) и Доменика (49).
Роселини, по разводот со Скорсезе, се омажи за поранешниот модел и директор во „Мајкрософт“, Џон Видеман, со кого ја има ќерката Елетра (42). Таа е мајка и на синот Роберто Роселини (43).

