Култура
Литературниот агент Пјер Астие ќе гостува на „Про-За Балкан“ во Скопје
Еден од најпознатите литературни агенти во светот Пјер Астие, кој го застапуваше Гоце Смилевски при пробивањето на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во светот, ќе гостува на 7. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, кој ќе се одржи од 19 до 22 мај во Скопје. За време на фестивалот, чии активности ќе се одвиваат на неколку локации во Скопје, ќе гостуваат еминентни писатели од регионот.
Во рамките на програмата „Скопје фелоушип“ ќе биде Пјер Астие, агент и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ (Astier-Pecher) од Париз. Астие книгата на Смилевски ја продаде на издавачката куќа „Пингвин“, која ги има авторските права за англиски јазик, но и во дваесетина други земји.
Тој е добитник на наградата за исклучителност што ја доделува Лондонскиот саем на книгата (LBF Excellence Award) за 2019 година за најдобар интернационален агент. Ова признание важи за највисоко во светот на литературните агенции.
Астие е претставник на различен спектар на француски и други автори (фантастика и друго), се занимава со откривање нови таленти, уредништво, продажба на литературни и филмски права за објавување низ целиот свет. Во 2015 година агенцијата го назначи Жером Бушар да биде одговорен за сите делови од Азија, а потоа во 2017 година и Натали Вилена за подрачјата на кои се зборува шпански и португалски. Се очекува наскоро едно лице да биде задолжено за Африка и уште едно за Централна и Источна Европа.
„Од самиот почеток на агенцијата, иако моравме да ја ограничиме нашата активност и да ги претставуваме само француските автори, бевме убедени дека во т.н. мали европски јазици се напишани брилијантни приказни и постојат одлични автори. Агенцијата стана целосно интернационална со македонскиот автор Гоце Смилевски и турската авторка Асли Ердоган во 2008 г. Огромниот успех на двата автора ни го отвори патот кон нов развој. Денеска, со седиште во Париз, на распаќето на различни влијанија (источни, јужни, северни), имајќи ја можноста да работиме со различни читатели и преведувачи на ИНАЛКО (Училиште за мали јазици), агенцијата е целосно меѓународна“, изјави Астие за македонските медиуми.
Во 1988 година Астие го основа тримесечното списание за кратки есеи и приказни „Ле серпан а плум“. Неколку години подоцна во 1993 година ја основа издавачката куќа „Ле серпан а плум едисион“. Објавени се вкупно пет збирки: француска фантастика, странска фантастика, мотиви (изданија со мек повез), музика, есеи и документи.
Издал учебник за настава и обука, а бил и координатор на изложбите во центарот „Жорж Помпиду“ и Палацо Граси во Венеција, галеријата „Карл Флинкер“ (Париз).
Фестивалот „Про-За Балкан“ наскоро ќе го објави и името на лауреатот, а целосната програма веднаш по Саемот на книгата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

