Култура
Маестро Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано вечерва на Охридско лето
На програмата на Охридско лето вечерва е концертот на италијанското дуо Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано. Концертот е со почеток од 21 часот во црквата „Света Софија“. На програмата се дела на Бах, Доницети, Пуланк, Доплер, Ниман, Вилијамс, Пјацола.
Масимо Мерчели е еден од ретките флејтисти во светот кому му се посветени многубројни дела од некои од најпознатите композитори на денешнината, како: Пендерецки, Губајдулина, Глас, Ниман, Бакалов, Мориконе, Галијано, Солима, кои покрај тоа што пишувале за него, често и настапувале покрај него на концертните сцени.
На само 19 години Мерчели е назначен за прв флејтист на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, а победник е на неколку значајни меѓународни натпревари за флејтисти во Италија.
Како солист настапувал во некои од најпрестижните концертни сали во светот, како: Карнеги Хол, салата на Минхенската филхармонија, салите во Берлин, Пекинг, Буенос Аирес, Амстердам, Мадрид, Женева, Лондон, Рим, Санкт Петербуг, Москва и многу други, под диригентските палки на: Валериј Гергиев, Кшиштов Пендерецки, Филип Глас, Мајкл Ниман, Масимо Кварта, Енио Мориконе и др. Настапувал со оркестри, како Берлинската филхармонија, во големата сала на Московскиот конзерваториум со Гидон Кремер и Јури Башмет, а неколкупати бил на турнеја со ансамблот „Италијански виртуози“ под диригентската палка на Пендерецки изведувајќи ја неговата Синфониета за флејта и гудачки оркестар. Неодамна остварува настап во лондонскиот „Вигмор Хол“ и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург одржува мајсторски курс во Фондацијата „Ростропович“ и премиерно го изведува делото „Фасади“ од Филип Глас во придружба на самиот композитор на пијано. Во 2012 година Оринџ Маунтин Рекордс го издава ЦД-то со наслов „Мерчели го свири Филип Глас“, кое содржи музика за флејта од овој композитор.
Мерчели е член на жири-комисии на меѓународни натпревари за флејта во Париз, Њујорк, Женева и во Пекинг, а често одржува мајсторски курсеви на најпознатите музички академии во светот.
Тој е уметнички директор на Фестивалот во регионот Емилија-Романа, а од 2001 година е член на управниот одбор на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА), во која од 2011 до 2017 ја извршува функцијата на нејзин потпретседател.
Актуелните ангажмани на Масимо Мерчели вклучуваат снимање на ЦД со сонатите за флејта на Бах со Рамин Бахрами, како и премиера на концертот за флејта од Софија Губајдулина, кој му е посветен токму нему.
За работата како промотор на музиката добитник е на одликувања од комесарот на Европската комисија за култура, Јан Фигел, како и од заменик-министерот за култура на Франција.
Роден во Италија, Лоренцо Бавај, почнува да студира пијано на Конзерваториумот „Џоакино Росини“ во Пезаро и на 18-годишна возраст дипломира со највисоки оценки. Продолжува да студира со Станислав Нојхаус на Виенскиот конзерваториум и со Татјана Николаева на Академијата „Моцартеум“. Студира музичка теорија на Универзитетот во Болоња, а оргули, композиција и диригирање во Пезаро. Кариерата како концертен пијанист ја почнува по победите на неколку интернационални натпревари по што настапува во родната Италија, но и во Русија, Полска, Германија, Норвешка, Шведска, Бугарија, Шпанија и во Шкотска. Соработува со истакнати уметници, како Лео Нучи и Монсерат Кабалје, а од 1989 година е редовен концертен партнер на големиот светски тенор Хозе Карерас. Со него настапува на сите континенти во оперските куќи во Лондон, Париз, во „Ла Скала“ во Милано, во Римската опера, како и во многубројни концертни сали во Европа и Азија. Лоренцо Бавај е уметнички директор на неколку италијански фондации и асоцијации, професор е на академијата во Пезаро и често одржува мајсторски курсеви во Италија и Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

