Култура
Македонската асоцијација на издавачите: Министерството фаворизира одредени издавачки куќи
Македонска асоцијација на издавачите (МАИ) изрази незадоволство од резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура.
Меѓу забелешките од здружението, кое ги претставува интересите на речиси половина од македонските издавачи, се нееднаква распределеност на средствата, фаворизирање одредени издавачки куќи итн.
Забелешките на МАИ во продолжение:
1. Минатата година Министерството за култура од МАИ побара да доставиме наши насоки во однос на критериумите за бодирање на проектите во областа на издаваштвото. За жал, некои од насоките на МАИ во однос на критериумите, како големина на правниот субјект, присуството и поставеност на пазарот, годините на постоење и бројот на претходно објавени дела, не се земени предвид во бодирањето.
2. Видлива е нерамномерна распределба на средства и одобрен број проекти по издавачи, со очигледно фаворизирање одредени издавачки куќи, што е хроничен проблем со годишната програма.
3. Постои нееднаква распределба на средствата – одобрените суми многу варираат, а особено зачудува што преводната литература добива поголеми износи во однос на оригиналните дела. Со тоа се поставува прашањето дали повеќе се вреднува трудот на преведувачите отколку на авторите. Ние сметаме дека ако остане системот со бодирање, авторските дела треба да носат повеќе бодови и да имаат апсолутна предност пред преводната литература. Просекот на одобрени средства оваа година е на страната на преводите – а тоа не смее да биде случај.
4. Ова погоре ја наметнува потребата да се изготви референтен документ со суми по авторски табак (или страница, сеедно), кој би им овозможил на издавачите да направат точна пресметка и конечно да знаат колку Министерството плаќа за одреден проект.
5. Бодирањето остава многу простор за субјективно доделување, што е најголема забелешка. Во многу случаи се одбивани авторски дела на млади автори и преводи на капитални дела од врвни преведувачи, а поддржани се многу преводи од помлади и неафирмирани преведувачи зад кои често стојат издавачи што немаат речиси никаков пласман на своите изданија на пазарот.
6. МАИ бара да се прават исклучоци во однос на бројот на проекти со кои може да учествува еден автор или преведувач. Конкретно, ова се однесува на преводите од македонски на албански јазик за кои има поголем интерес, а има само неколку квалитетни преведувачи.
7. Последната забелешка се однесува на доцнењето на резултатите. Поради промените на раководството во Министерството, и оваа година резултатите беа објавени во средината на февруари, најмалку еден месец по законскиот рок за објавување, што издавачите ги става во незавидна положба во однос на времето потребно за реализација на проектите и месечните планови за издавачката продукција.
Помеѓу членките на МАИ видлива е сè подолготрајната и подлабока разочараност од немањето слух на Министерството за култура за најважните прашања, како што е јасниот систем на бодирање со земени предвид сите важни критериуми. МАИ активно ги изложува своите ставови со цел да ја избегнеме замката за влегување во апатија и нереагирање на пропустите, нешто што ние како издавачи и претставници на културната јавност не смееме да си го дозволиме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.
Култура
„Охридско лето“ добитник на престижна та меѓународна награда „Да за уметноста“
Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
„Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.
„Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Култура
Наследството на Томаж Пандур живее: Наградуваната монодрама „Безгрешна“ на сцената на МНТ
На 3 април, на сцената на Македонскиот народен театар, гостува Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) со монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), сценско остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Гостувањето е дел од програмата со која МНТ продолжува со одбележувањето на својот јубилеј – 81 година од постоењето, во рамки на роденденската прослава на театарот.
Претставата ја раскажува приказната за Марија, востоличена како Мајка Божја, која во оваа сценска адаптација добива уште поинтимна, поблиска и покондензирана форма. Во осаменото мапирање на пејзажите на нејзините исповеди, Марија ја раскажува својата вистина за настаните, кои го променија светот, преиспитувајќи ги сите големи идеи. Токму преку тоа преиспитување, тие идеи остануваат живи, како што сугерира и делото, идеите умираат ако не се доведуваат во прашање.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур.
Претставата досега има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.
„Страсно верувам во моќта на театарот и сите мои дела се архетипови на ритуал“, велеше Томаж Пандур, режисер чиј уметнички опус остави длабока трага во словенечкиот и светскиот театар.
Исклучително е тешко, ако не и речиси невозможно, да се заокружи неговата биографија. Пандур до самиот крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, несебично споделувајќи ги своите визии, соништа, осамености, стравови и ентузијазам со соработниците. Седум години го водеше театарот во Марибор, а од својата прва професионална претстава „Шехерезада“, до последната, „Фауст“, експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, поврзувајќи и деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи. Неговата работа беше постојан обид за надминување на формите на реалноста и истражување на односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста.
„Преку својата глобална визија, Пандур ја артикулираше волјата за остварување на вистината и смислата на животот, каде што, зад тишината, секогаш стојат имагинацијата и убавината“, истакнуваат Ливија Пандур, драматург и театарска авторка и Бранко Јордан, театарски автор и есеист.
Во центарот на „Immaculata“ е жената, која историјата ја претворила во слика, догма и инструмент на верата. Марија, мајката на Исус, трага по смисла во раните, кои никогаш не можат да зараснат, обидувајќи се да се сети на зборови, лица и фрагменти поврзани со смртта на нејзиниот син. Преку оваа исповед, претставата ја прикажува Марија како жена од месо и крв, избришана од историјата и злоупотребена од насилната религија, но и како фигура, која со тишина и сомнеж ги отвора најдлабоките прашања за верата, загубата и човечката болка.
„Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“, вели Ливија Пандур, која „Immaculata“ ја доживува како длабоко личен и театарски чин, посветен на Томаж Пандур.
„Immaculata“ има реализирано значајни меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де Артес Есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори во рамки на фестивалот Мителфест во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021), како и 10. Театарска олимпијада во Будимпешта во 2023 година.
Гостувањето на „Immaculata“ во МНТ е дел од роденденската програма на театарот, кој минатата година одбележа 80 години од постоењето од првата изведена претстава на 3 април 1945 година. Годинава, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите за претставата се во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ.

