Култура
„Македонска крвава свадба“ – дигитално реставрирана проекција во рамките на „Сезона на филмски класици“
Oваа година, на 2 октомври, со почеток во со почеток во 20:00 часот – во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на дигитално реставрираниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967, режија:Трајче Попов), како дел од проектот „Сезона на филмски класици“.
Проекцијата на овој класик е посебно значајна, бидејќи на домашната публика ѝ овозможува повторно да го доживее филмот во неговата обновена, дигитално реставрирана верзија, а на младите генерации да се запознаат со еден од најрепрезентативните примери на македонската филмска традиција. Со цел да се овозможи што поширока достапност, филмот во исто време ќе биде емитуван во живо преку Јутуб каналот на Кинотеката, овозможувајќи ѝ на публиката надвор од Скопје и Македонија да го проследи ова значајно културно случување.

Овој значаен настан е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season of Classic Films) – иницијатива на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinémathèques Européennes – ACE), поддржана од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА на Европската унија. Во рамки на овој проект, Кинотеката ги дигитализираше и дигитално ги реставрираше филмовите МИРНО ЛЕТО, ФРОСИНА, МЕМЕНТО и МИС СТОН, како и кратките етнолошки филмови МАРИОВСКА СВАДБА, ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ.
„Сезоната на филмски класици“ претставува уникатна можност за европската и светската публика повторно да ги открие ремек-делата на филмското наследство, со акцент на културната разноличност и историјата на филмот.

Од своето основање, проектот овозможи реставрација и повторна дистрибуција на над 210 европски филмови, а оваа година низ програмата се претставуваат повеќе од 40 новореставрирани филмски дела од 27 европски филмски архиви. Во тој избор влегува и филмот МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА, како еден од најзначајните македонски филмови којшто го доловува историскиот и културниот контекст на нашата земја и кој претставува камен-темелник во развојот на националната кинематографија.
Со оваа проекција, Кинотеката се приклучува кон европската мрежа на институции кои го негуваат и промовираат филмското наследство, овозможувајќи старите филмови повторно да заживеат пред нови генерации гледачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

