Контакт

Култура

Македонска Филхармонија со концерт со наслов „Сила“

Објавено пред

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Сила“, на кој како солисти ќе настапат Пачо Флорес (Венецуела) на труба, Лео Рондон на венецуелска гитара (Венецуела), а диригент е маестро Мануел Хернандез – Силва (Венецуела/Шпанија).

dobivaj vesti na viber

Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената. Почнувајќи од симфонискиот став „Музи и здив“, чиј автор е солистот на труба Пачо Флорес, став кој е посветен на врвниот Астор Пјацола, аргентинскиот композитор што го донесе на свет „танго нуево“, и во кој се чувствува неговото силно влијание, особено во оркестарските делници.

„Приказни за цвеќиња и танго“ е композиција на Даниел Фрајберг, еден од новите водечки композиторски имиња, и „Симфонискиот сјај на Маргарита“ на композиторот Иносенте Хозе Карењо негово најпознато дело во кое се содржани многу влијанија од народната музика од северниот брег на Венецуела, поточно од островот Маргарита.

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „ЈунгерКунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, Симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, Симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниото ркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.

Трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика. Првите награди што ги освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“, ја потврдуваат неговата висока репутација во светот на музиката. Уште за време на неговите студии во Оркестарот за млади и деца во Венецуела, Флорес добил врвно признание за неговите интерпретации како солист, способен подеднакво да управува со класичните и со популарните жанрови. На своите магични изведби, тој им додава огромна доза енергија обоена со најубавите инструментални бои. Како солист настапувал со Филхармонијата на Киев, Камерата од Санкт Петербург, со оркестри во Париз, Токио, Осака, Германија, секако во неговата родна Венецуела, рецитални настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, во „Плејел“ во Париз или „Опера Сити“ во Токио. Како еден од основачите на Дувачкиот квинтет „Симон Боливар“, учествувал на бројни турнеи низ Европа, Јужна Америка, САД и Јапонија, а како оркестарски музичар ја имал водечката позиција како трубач во Симфонискиот оркестар „Симон Боливар“ во Венецуела и во Симфонискиот оркестар на Мајами, соработувал со диригенти како Клаудио Абадо, Сер Симон Ратл, Сеиџи Озава, Густаво Дудамел… Основач и директор е на латиноамериканската Академија за труба во Венецуела и ја негува традицијата за изучување на млади таленти. Неговиот репертоар е широк и вклучува премиери на дела од голем број современи композитори. Неодамна одржа значајна концертна турнеја низ Норвешка и Австрија со Арктичката филхармонија, под водство на маестро Кристијан Линдберг, изведувајќи го неговиот концерт „Акбанк Бунка“ за труба и оркестар, дебитирајќи во „Фестпилхаус“ во Салцбург и во „Музикеверин“ во Виена. Неговиот прв албум носи наслов „Ла Тромпета Венецолана“, а Флорес е ексклузивен уметник на „Дојче грамофон“ со веќе три снимки – „Кантар“ со Концертхаус оркестарот во Берлин и маестро Кристијан Васкез, „Ентропија“ за кој освои Златен медал на Глобал мјузик авардс, „Фрактали“ со Арктичката филхармонија и маестро Кристијан Линдберг и двојното цеде „Песни и танци“ со маестро Мануел Хернандез-Силва.

Лео Рондон е познат интерпретатор на венецуелска куатро гитара, аранжер и продуцент на квартетот „Авила“, на Венецуелскиот музички квартет, како и на ансамблот „Л’Арпеџата“, покрај неговиот соло проект едноставно насловен „Лео Рондон“. Добитник е на значајни награди во Венецуела и Колумбија како изведувач на куатро гитара, а настапува на престижни фестивали во Венецуела, Колумбија, Португалија, Шпанија, Франција, Германија, Италија, Луксембург,Швајцарија, Мароко…, во разни ансамбли и со разновидни уметници.

Култура

Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ – нов мурал во Прилеп во рамки на “Цртај на македонски”

Објавено пред

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.

dobivaj vesti na viber

− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.

Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.

– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.

„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Прикажи повеќе...

Култура

„Златен објектив“ за Столе Попов

Објавено пред

Кинотеката го одбележува својот роденден, односно датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката – на 29 април, во далечната 1974 година.

dobivaj vesti na viber

И, иако Кинотеката формално започнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции – сепак го одбележува како свој роденден 29 април секоја година.

Последниве две децении, по тој повод и околу тој датум – Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое Кинотеката им го доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание, досега биле: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Оваа година, пак, „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов – режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја задолжил националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование:

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…

По повод Денот на Кинотеката – на 29. Април, 2024 година – сите кинотечни печатени и електронски изданија на Кинотеката досега: значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание КИНОПИС и сите ДВД-изданија на Кинотеката – ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50%, во просториите на Кинотеката.

Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на нашиот голем доајен на филмската уметност – Столе Попов – ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката.

Прикажи повеќе...

Култура

УКИМ донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“

Објавено пред

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донесе Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.

dobivaj vesti na viber

Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси.

Цели на Фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.

Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории.

Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Мицкоски очекува поддршка за Силјановска Давкова од Димитриевски и ЗНАМ, но и од другите кандидати кои не влегоа во втор круг

„Се слушнавме и со господинот Максим Димитриевски. Знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е во коалиција со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски во...

Македонија4 часа

(Графика) Лани во Македонија се случиле 108 несреќи при работа, а од нив 15 завршиле со фатални последици

Лани во Македонија се случиле 108 несреќи при работа, а од нив 15 завршиле со фатални последици, покажува најновиот извештај...

Свет6 часа

(Фото+видео) Серија торнада беснеат низ Америка: ветерот дигна вагони од пруга, уништени стотици домови

Стотици домови беа сериозно оштетени или целосно уништени бидејќи повеќе торнада погодија делови од Централна Америка. Надлежните најавија дека и...

Македонија7 часа

„Вејце ниту се простува, ниту се заборава“ – Македонците паметат! Горат социјалните мрежи на годишнината од крвавиот масакр

Социјалните мрежи се преплавени со објави по повод 23-годишнината од масакрот кај Вејце, откако од заседа и ѕверски биле убиени,...

Македонија7 часа

23 години од масакрот кај Вејце кога беа ѕверски убиени, а потоа запалени 8 македонски херои: Стојанче Ангелов положи цвеќе и запали свеќи

Денеска се одбележуваат 23 години од масакрот кај Вејце — најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија. Масакрот...

Македонија8 часа

Основците и средношколците од утре на пролетен распуст

Од утре до 6 мај, учениците од основните и средните училишта ќе бидат на пролетен распуст. Пролетниот распуст е воведен...

Свет8 часа

(Видео) Први снимки од силното торнадо во Кина – „Ова е како Армагедон“

Пет лица загинаа вчера во торнадо во јужната кинеска метропола Гуангжу. Новинската агенција Ксинхуа јави дека во невремето се повредени...

Македонија9 часа

Мицкоски: СДСМ и ДУИ имаа две сценарија, прво, тивок бојкот за претседателските избори, второ, Ахмети добил бел лист од Ковачевски да напише што сака

Државата ни ја одземаа. Народот изгуби контрола над системот, институциите се киднапирани од стотина души на ДУИ кои управуваат со...

Македонија9 часа

Ковачки до Ахмети: Парите со кои вршиш поткуп ќе треба да ги вратиш

Македонија е на нозе. Народот си ја враќа државата повторно во свои раце. Победата на 24 април покажа дека сите...

Македонија10 часа

Ахмети од Долнени: Европскиот фронт е цврст како челик

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, по Кичево со своите соработници се сретна и со граѓаните на Крушево и населените места...

Македонија10 часа

Ковачевски: СДСМ е единствената политичка сила која знае како да ја внесе Македонија во ЕУ

На митингот кој се одржа во Гостивар, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на присутните им порача дека...

Македонија22 часа

Пендаровски: Наместо да се извинат за 27 април, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател најавува амнестија за насилниците

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на 7 -годишнината од упадот во Собранието, кој се случи на 27 април 2017-тата година, истакна...

Македонија22 часа

Силјановска-Давкова: Не е точно дека стартуваме од нула, ние не шутираме пенали, а тие ги промашија на празен гол

Во рамките на својата кампања за претседателка за Република Македонија, професорката Гордана Силјановска – Давкова, оствари средба со граѓаните на...

Македонија1 ден

ВМРО-ДПМНЕ: Луѓето од 27 април не бараат амнестија, туку правда, да не одговараат за делата кои не ги направиле

На изборите на 8 мај се одлучува дали оваа криминална влада ќе биде поразена и истата банда ќе се соочи...

Македонија1 ден

(Фото+видео) „Македонијо, ти си бисер балкански“ ечеше на свечената промоција на 508 нови полициски службеници

Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година. Едногодишната...

Македонија1 ден

(Видео) Николоски: Власта размислува за поткуп на гласачи

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4, Александар Николоски, денеска рече дека власта размислува за поткуп на гласачи...

Македонија1 ден

Спасовски: Насилниците од 27 април никако не смее да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат помилувани

Денешниот ден 27 април не смее да биде заборавен, ова е најцрниот ден во историјата на македонската демократија, рече денеска...

Свет1 ден

Евакуација на аеродромот во Москва поради дојава за бомба

Еден од катовите на зградата на аеродромот Внуково во Москва е евакуиран поради закана за бомба, соопшти полицијата. „Едниот кат...

Свет1 ден

Хутите истрелаа три проектили на два брода во Црвеното Море: оштетен британски танкер

Американската војска објави дека јеменските бунтовници Хути лансирале три противбродски балистички ракети врз два брода во Црвеното Море, при што...

Свет1 ден

(Видео) Застрашувачки снимки од торнадо во Америка, неколку стотици куќи се уништени, загинатите се уште се бројат

Невремето кое беснее во Америка досега однесе најмалку три животи. Локалните медиуми јавуваат дека опасноста ќе го достигне својот врв...