Култура
Македонскиот народен театар на III Балкански театарски фестивал во Благоевград

По учеството на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“ во БиХ, Македонскиот народен театар повторно со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе учествува на III Балкански театарски фестивал во Благоевград, Бугарија.
Оваа година драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград ги селектираше најдобрите претстави од Балканот, меѓу кои е и нашата претстава „Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Григор Јовановски.
Претставата ќе се одигра на 5 ноември, а програмата од 1 до 7 ноември оваа есен е насочена кон извонредни театарски достигнувања и вклучува и претстави од: Романија, Србија, Бугарија и Словенија.
Балканскиот театарски фестивал е еден од најголемите настани во културниот календар на Благоевград и има сериозни предуслови да стане водечки меѓународен културен форум на Балканот. Традиционално, фестивалот вклучува и програма со размена на проекти на млади режисери, изложби, концерти и дигитални инсталации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Неколкудневна турнеја на Театар Провокација низ регионот со „Земја на штркови“

Театар Провокација ја најавува својата неколкудневна турнеја низ регионот, со претставата „Земја на штркови“, која започнува на 13-ти мај, со учеството на фестивалот „Друмеви театрални празници“ во Шумен, Р. Бугарија, по кое следуваат и гостувањата во Србија (од 15.05 до 18.05) низ градовите: Белград, Вршац и Панчево.
Претставата „Земја на штркови“ отворено зборува за големиот бран на иселување на македонците во последниве неколку години и за очајната потреба од системски промени, како главна причина за заминување на младите во поразвиените земји.
Скопската публика оваа претстава ќе може да ја погледне во среда, 23-ти април во МКЦ со почеток од 20:00.
Во претставта играат: Мирјана П.Ристов, Радо Алексовски, И.Јакимова и Р. Ристов. Текстот е работен по мотиви од „Топлината во ноември„ од Јана Добрева, костимите се на Елена Лука, автори на музиката е на Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокалот е на Вера Милошебвска – Љубојна, сценските движења на Кренаре Невзати а адаптацијата на текстот, сценографијата и режијата се на Роберт Ристов.
Култура
Почина Тоше Поп-Симонов

Истакнатиот македонски композитор, продуцент и аранжер, Тоше Поп – Симонов почина денеска на 63 годишна возраст.
Поп-Симонов својата музичка кариера ја започна во 1980-тите, како еден од основачите и гитарист на култната скопска рок група „Бастион“, а потоа и гитарист на рок бендот „Асторија“.
Тој остави силен белег на македонската музика во периодот на 1990-тите, кога соработуваше со речиси сите позначајни имиња од поп, рок, како и од фолк сцената во земјава и изведувачи од регионот, меѓу кои и Тоше Проески, Мизар, Архангел, Меморија, Анастасија, Дарио, Верица Пандиловска, Силви бенд, „Фрајле“ и Алка Вуица.
Неговите пријатели и соработници се простуваат од него со објави на социјалните мрежи.
Погребот на Поп-Симонов ќе се одржи во вторник, на 22 април 2025 година, на градските гробишта во Бутел од 11:30 часот.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ се прикажува на меѓународниот филмски фестивал во Москва

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на Гоце Цветановски синоќа беше премиерно прикажан во Москва, во рамки на престижниот Moscow International Film Festival (Меѓународен филмски фестивал – Москва).
Московскиот фестивал важи за еден од најголемите во светот и е класифициран во А листата на филмски фестивали, заедно со Кан, Берлин, Венеција.
Основан е во 1935 година, a редовно почна да се одржува од 1959 година. Фестивалот е познат по тоа што комбинира светски премиери, авторски филмови и амбициозни независни продукции од различни земји.
„Јон Вардар против галаксијата“ денес ќе има уште една проекција во Москва.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм успешно го продолжува својот фестивалски живот, откако минатата недела се прикажуваше и на меѓународниот фестивал во Буенос Ајрес, БАФИЦИ, кој се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм, со копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо од „Линкс студио”, Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Скорин, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.