Култура
Македонските уметници може да учествуваат во изработка на мурал за иднината на Европа
Младите уметници на возраст од 18 до 35 години од целиот регион на Западен Балкан, вклучително и од Македонија, може да се пријават за учество во проектот „Нацртај ми ја иднината на Европа“ (Paint Me the Future of Europe). Со оваа иницијатива ќе се изработи мурал во Нови Сад, годинешната Европска престолнина на културата. Заинтересираните учесници може да се пријавуваат на интернет-страницата futureofeurope.newmoment.com. Конкурсот е отворен од 25 февруари, а ќе се затвори на 18 март.
Проектот е во организација на Делегацијата на Европската Унија во Србија, во соработка со „Њу момент – њу идеас компани“ од Белград и во партнерство со Советот за култура на Нови Сад и Фондацијата „Нови Сад 2022“. Преку муралот и активната вклученост во културните активности во Нови Сад избраните уметници ќе ги демонстрираат својот креативен квалитет, својата визија за заедничката иднина на европскиот континент, како и способноста да се осврнат на општествено значајни теми.
Ќе бидат избрани осум уметници, кои заедно ќе сликаат на ѕидот на „Кејот на жртвите на рациите“ за време на нивниот престој во Нови Сад од 18 април до 9 мај. Муралот официјално ќе биде промовиран во рамкитѕе на одбележувањето на Денот на Европа на 9 мај.
Сите пријави ќе бидат разгледани од жири предводено од Лазар Сакан, основачот и кустос на „Галеријата Њу момент“, која изминативе 12 години беше домаќин на неколку стотици значајни изложби и настани од областа на културата. Другите членови на жирито се директорот на галеријата „Матица српска“, д-р Тијана Палковљевиќ-Бугарски, концептуалниот уметник Никола Џафо и двајца претставници од Делегацијата на Европската Унија во Србија.
Македонските уметници што сакаат да учествуваат во проектот Paint Me the Future of Europe треба да пополнат формулар за пријавување, да поднесат кратка биографија, своето уметничко портфолио, како и скица од нивната визија на темата на интернет-страницата futureofeurope.newmoment.com. На истата веб-страница тие ќе може да се информираат за деталите поврзани со пријавувањето на иницијативата, како и за настаните за подготовка и за изработка на муралот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

