Култура
Македонски стрип-уметници на меѓународна колонија во Рашка
Од 3 до 7 август, на брегот на живописното Семетешкото Езеро, во непосредна близина на Рашка, беше одржана меѓународната стрип-колонија „Рашка 20183. И оваа година, исто како и претходните, не помина без македонските стрип-уметници.
Стрип-колонијата во Рашка, која по својот карактер е уникатна не само во Србија туку и во целиот регион, се одржува традиционално веќе седми пат. Таа беше во организација на Центарот за култура, образование и информирање „Градац“, Клубот на ликовните уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Општина Рашка. Покрај учесниците од стрип-школите од Белград, Лековац, Никшиќ и од домаќинот Рашка, учество на оваа петдневна манифестација зедоа и претставници од стрип-школата од Велес, што е резултат на меѓународниот ангажман на Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес и на неговиот проект-менаџер Томе Трајков.
„Третпат сум во организацијата на стрип-колонијата во Рашка. Соработката со стриповските уметници од Македонија сите три години е на највисоко ниво“, вели историчарката на уметност Данијела Матовиќ. „Од почетокот се со нас. Со своето несебично знаење и искуство придонесоа да се зацврсти темелот на нашиот настан, а со својата љубезност и добра комуникација со другите учесници ја направија и атмосферата во Рашка попријатна и потопла. Очекувам дека соработката и во иднина ќе биде продолжена. Македонија има одлични претставници на деветтата уметност, кои во најдобро светло ја претставуваат надвор од нејзините граници“.
Несебично подучувајќи ги младите таленти и откривајќи дел од малите тајни на големите мајстори, свои излагања на колонијата имаа Дарко Стојановиќ и светски познатиот сликар и стрип-автор Петар Меселџија. Предавања одржаа и членовите на некогашната култна уметничка група „Београдски круг 2“, неповторливиот Жељко Пахек и секогаш елоквентниот Бојан М. Ѓукиќ, кој воедно имаше и изложба. А во позначајните имиња од 30-ината годинашни учесници се вбројуваат и Владимир Весовиќ, Горан Трајковиќ, Милош Цветковиќ, Илија Никчевиќ и Машан Савељиќ.
Во рамките на колонијата беше промовиран петтиот број на српската стрип-ревија „Рас комик“, во кој, меѓу другите, е објавен и стрип од 12 страници на сценаристот Александар Стеванов од Штип и на илустраторот Дарко Богданов од Виница. А покрај споделените искуства и договорените идни меѓународни проекти и соработки, на маргините на оваа манифестација беше претставен дел од поновата македонска стрип-продукција, вклучително и последните два броја на магазинот „Стрип креатор“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

