Култура
„Мал битолски Монмартр“, и покрај сè, ќе се одржи со донации, па и со кредит ако e потребно, најавува организаторот
На седница на Меѓународниот управен одбор, кој е задолжен да ја следи реализацијата на 42. издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, донесен е предлог кој е доставен до организаторот Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола за одржување на оваа манифестација во глобални рамки.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола оваа 2023 година слави 55 години од своето основање, при што примарна цел е бесплатна едукација на млади ликовни уметници и таленти, при што само за учебната 2022/2023 година во студиото членуваат над 180 ученици.
По одлуката на Министерството за образование и наука по 30 години без писмено решение и образложение да ја прекине поддршката, што генерира со финансиска криза која трае 9 месеци, во прашање беше донесена работата на студиото, но и реализацијата на проектите по кои таа е препознатлива, велат од таму.
Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола на седница ја разгледа финансиската состојба – најавите за финансиска поддршка од Општина Битола компаративно со резултатите од годишниот конкурс на Министерството за култура, кое додели 240.000 денари за двете манифестации, при што се констатира дека тие средства не покриваат ни 20 % од целокупните потребни за реализација по што се прегледаа најавите за донации, но и евентуално земање наменски кредит.
Беа претставени и извештаи од средбите со челниците на УНЕСКО, но и еврокомесарот за култура, образование, наука, спорт и млади.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола со тоа на УО донесе одлука со која ќе ги реализира 41. светски детски ликовен конкурс и изложбата „Битола“ и 42. издание на светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
Воедно, беше констатирано дека заклучно со 15 март 2023 година на светскиот детски ликовен конкурс „Битола“ пристигнале 650 пратки од 71 држава, кои генерирале фонд од над 44.000 детски ликовни цртежи од над 38.000 ученици од целиот свет.
Беше потврдена првичната одлука за „Мал битолски Монмартр“ да се поканат 25 екипи од 22 држави од Јапонија, Индија, Кина, па сè до Словачка, Турција, Португалија, Бугарија, Србија и Израел.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола со ова ги најавува и претстојните прес-конференции. Една на почетокот на април за соопштување на резултатите – следната на 20 мај пред почетокот на МБМ и првата седница на Меѓународниот управен одбор за МБМ, која ќе се реализира во Битола на 24 мај 2023 година.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола само во првите три месеци од 2023 година од три светски детски ликовни конкурси освои над 30 награди, од кои 15 од УНЕСКО – Франција, а последните се од Светскиот детски ликовен конкурс и изложбата на млади ликовни таленти и уметници во Нова Загора, Бугарија, каде што наградени се: Матеј Јаневски – 9 години, Јана Сивакова – 9 години и Сара Наумовска – 14 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

