Култура
„Медена земја“ во 30 градови низ Македонија
Кинодиструбуцијата на документарецот „Медена земја“ (Honeyland) продолжува со нови датуми и градови низ Македонија. Проекциите што се одржаа минатите недели во дваесетина градови предизвикаа огромен интерес кај македонската публика и билетите речиси за сите беа однапред распродадени.
Филмот, кој е годинашен македонски кандидат за „Оскар“ и е во трка за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, се прикажа во: Кратово, Штип, Крива Паланка, Струга, Куманово, Битола, Охрид, Свети Николе, Делчево, Тетово, Гостивар, Пробиштип, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Богданци, Крушево, Радовиш Прилеп, Кичево, Кочани и во Пехчево.
Прилепчани ќе имаат можност повторно да го погледнат документарецот на 22 октомври, во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Истиот ден ќе има репризно прикажување и во Домот на култура во Крива Паланка. На 24 октомври (20 ч.) ќе се прикажува во Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија, на 25 октомври (20 ч.) во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница и на 26 октомври (20 ч.) во Домот на култура „25 Мај“ во Валандово. Беровчани ќе имаат можност да го погледнат филмот во салата на „Бизнис-инкубаторот“ на 30 октомври (20 ч.).
Во Струмица „Медена земја“ ќе се прикаже во Центарот за култура „Антон Панов“ од 8 до 11 ноември. Три дена подоцна, (14 ноември, 19 часот) ќе се прикажува во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Следува премиера и во Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар на 30 октомври. Во Скопје продолжуваат редовните проекции во скопските кина „Синеплекс“ и „Милениум“.
Кинодистрибуцијата на „Медена земја“ низ Македонија е во организација на „Трис филмс“ и на Драгица Николовска.
Во меѓувреме „Медена земја“ го продолжува својот успешен пат на светските филмски фестивали. На „Синеист“ (CineEast), фестивалот што се одржува во Луксембург, „Медена земја“ ја доби наградата од публика за најдобар филм. Викендов ја доби и специјалната награда од жирито на Фестивалот на документарен филм „Вест лејк“ (West Lake), што се одржува во Хангжу во Кина.
„Медена земја“ деновиве ќе биде дел и од 27. издание на најзначајниот и најголем светски филмски фестивал посветен на филмската камера „Камеримиџ“ (Camerimage), што се одржува во Полска.
Филмот е дел од кратката листа на најдобри документарци за оваа година што ја објави Интернационалната документарна асоцијација (ИДА). Доделувањето на наградите на најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм ќе се одржи во студијата на „Парамонт“ во Лос Анџелес на 7 декември. Исто така, филмот доби и пет номинации за наградата Избор на критиката за документарци во САД. Тој е номиниран и во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа, како и за најпривлечен лик во документарец – за што е номинирана главната протагонистката во „Медена земја“– Атиџе Муратова. Доделувањето на наградите е на 10 ноември во Њујорк и е вовед во претстојните „Оскари“.
Во моментов во тек е и промотивната кампања на филмот за номинации за „оскар“, која е финансиски поддржана од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

