Култура
Меѓународното стручно жири на „Малиот битолски Монмартр“ ги соопшти одлуките за годинешната изложба „Битола 2022“

Годинешните резултати за јубилејното 40-то издание на Меѓународниот ликовен конкурс за изложбата „Битола 2022“ се секако и најава и основ за одржување на 41. издание на „Малиот битолски Монмартр“, кој по пауза поради пандемијата, оваа 2022 година повторно ќе биде со посета на детските ликовни амбасадори од целиот свет, кои во Битола традиционално ќе творат во периодот од 23 до 30 мај 2022 година, најавуваат организаторите.
На Меѓународниот ликовен конкурс за изложбата „Битола 2022“, кој беше распишан на 10 септември 2021 година, а траеше до 20 февруари 2022 година, пристигнаа пратки од 450 училишта со над 22.500 цртежи од 40 земји од Европа до Азија.
Стручното жири од вкупниот број пристигнати творби на конкурсот од 20.000 млади ликовни уметници за 40-тата јубилејна Меѓународна изложба на детските ликовни творби „Битола 2022“ избра 777 дела, а таа ќе биде отворена на 23.5.2022 година во просториите на Националната детска ликовна галерија „Монмартр“ и ќе трае сѐ до крајот на тековната година.
Меѓународното стручно жири ги донесе и следниве одлуки:
- Добитник на Гран при 2022 – Atolye Veysel Acar – Trabzon – Turkey 2. Почесна награда „Коста Хаџи-Антоновски“ за долгогодишно учество – соработка и придонес – Irina Kruchinina – Children’s Art Studio Rostok – OB – Russia 3. Награда „Проф. д-р Богомил Карлаварис“ за животно дело – Svetlana Veshich Ralevich – Likovni Atelje Artino – Belgrade – Serbia
4. Награда специјална колекција за училиште:
– Szent Imre Katolikus Alt. Iskola – Kecskemet – Hungary
– Seminarul Teologic Ortodox Veniamin Costache – Manastirea Neamt – Romania
– OS Danila Lokarja – Ajdovshchina – Slovenia
5. Награда – учество на „Малиот битолски Монмартр 2022“ за 25 екипи во периодот од 23 до 30 мај 2022 година во Битола (2 учесници и 1 ликовен педагог):
– Simply Art – Hong Kong – China
– School 1955 (1188) – Moscow – Russia
– Atolye Veysel Acar – Trabzon – Turkey
– Shirley’s Fine Art School – Lapid – Israel
– Likovni Atelje Artino – Belgrade – Serbia
– Rokytskyi Children’s Art School – Volodomir-Volynsky – Ukraine
– Yeow Chye Art Studio – Ayer Itam – Malaysia
– Asociatia Culturala Arte. Ro – Piatra Neamt – Romania
– Mlodziezowy Dom Kultury – Rybnik – Poland
– Zush Ladislava Mednyanszkeho – Spishska Bela – Slovakia
– H.R.H. Princess Sirindhorn Art Centre – Wangsaphung – Thailand
– Detskaya Shkola Iskusstv im. R.V.Serdyuka – Kerch – Crimea
– Workshop Emart – Subotica – Serbia
– Children’s Art School Kolorit – Pleven – Bulgaria
– Children’s Art Studio Rostok – OB – Russia
– Zakladna Umelecka Shkola Hlohovec – Hlohovec – Slovakia
– JU Srednja Likovna Shkola Petar Lubarda – Cetinje – Montenegro
– SSH “Ivan Goran Kovachich” – Kiseljak – Bosnia and Hercegovina
– Cetin Sen Bilim Sanat Markezi – Kayseri – Turkey
– National Cultural Children Center – Tirana – Albania
– Shorin Junior High school – Chigasaki – Japan
– Art’s School Arteya – Targovishte – Bulgaria
– Master and I – Torzhok – Russia
– Shkola za Primjenjenu Umjetnost u Rijeci – Rijeka – Croatia
– Children’s Art Studio St. Ciryl and Methodi – Bitola – North Macedonia
6. Награда за најдобра колекција – „Златна четка“: меѓународното стручно жири додели 23 награди во оваа категорија за најдобра испратена колекција за конкурсот „Битола 2022“.
7. Награда за најдобри поединци – „Златна палета“: меѓународното стручно жири додели 133 награди во оваа категорија наменета за поединечни остварувања на светската изложба „Битола 2022“.
8. Признанија за поединечни остварувања – диплома: меѓународното стручно жири додели 245 награди во оваа категорија наменета за поединечни остварувања на светската изложба „Битола 2022“.
9. Меѓународното стручно жири во 8 категории за 40-тата јубилејна Меѓународна изложба на детските ликовни творби „Битола 2022“ додели вкупно 432 награди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Да изградиме индустрија што ќе создава игри со македонски печат и глобален потенцијал

Денес во Скопје беше отворена првата конференција за развој на видеоигри во Македонија „Game Dev Rev 2025“, во организација на Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри (MGI).
Со своето обраќање пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека оваа конференција не претставува само промоција на видеоигри, туку е симбол на креативноста, младинската енергија и новата културно-економска реалност за Македонија.
„Дали знаете што имаат заедничко една добра видеоигра и една успешна културна политика?“-праша министерот во своето обраќање. Двете почнуваат со идеја, момент на инспирација, што, ако е поддржан на вистински начин, може да прерасне во нешто големо. Некогаш дури и светски“, рече Љутков.
Министерот посочи дека индустријата за видеоигри денес е една од најбрзорастечките културни и економски гранки во светот, со годишен приход што го надминува оној на филмската и музичката индустрија. Таа индустрија, како што истакна, претставува спој на уметност, технологија, наратив и дизајн, и создава нови можности за младите.
Тој информираше дека Министерството за култура и туризам ја даде својата поддршка за иницијативата на асоцијацијата и за сите професионалци, ентузијасти и визионери вклучени во неа.
„Ова не е само конференција, туку повик до нашите млади креативци, дизајнери и програмери да го препознаат својот потенцијал, да се поврзат, да учат и да создаваат. Тука се гради иднината на македонската гејминг-индустрија,“ рече министерот.
Во своето излагање, министерот се заложи за поголема поддршка на новите културни индустрии, особено оние што го поврзуваат младинскиот потенцијал со глобалните трендови и носат нова економска вредност за земјата.
„Да го искористиме овој почеток за да создадеме заедница што ќе расте и ќе создава игри со глобален потенцијал–но со македонски печат,“ рече Љутков.
На конференџијата особено значајно беше присуството на претставници од Европската федерација за развој на видеоигри, како и поддржувачи од целиот регион и Европа, што претставува силен сигнал дека Македонија се позиционира како активен чинител на дигиталната и креативна мапа на Европа.
Култура
Сиљановска-Давкова: Фестивалот „Игор Маџиров“ уште еднаш покажа и докажа дека театарската моќ допира до сите генерации

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, којшто под слоганот „Сцена за сечиј сон“, и годинава се одржува под нејзино покровителство.
За неа, фестивалот, иако е насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група- најмладите, со оригиналниот и искрен пристап ги заведува, радува и восхитува не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во нив.
Според претседателката, името на фестивалот го отсликува и наликува на профилот и сензибилитетот на извонредниот, прерано починат Маџиров, чии незаборавни улоги од него направија театарска легенда.
Акцентирајќи ја не само естетската туку и педагошката мисија на „Театарот за деца и младинци“, Сиљановска-Давкова изрази неизмерна почит кон актерите и сите вработени во театарот кои, од скромен, но топол амбиент, небаре волшебници, создаваат прекрасна сцена, налик на онаа од соништата.
Таа укажа на потребата од нова, пристојна тетарска куќа, обраќајќи се до надлежните институции со зборовите: ,,Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на „Театарот за деца и младинци“ да порасне, како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите”.
Култура
Наградена со Стериина награда, славена во Белград – претставата „Народен пратеник“ на МНТ сега патува за Брчко

Со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, Македонскиот народен театар ќе настапи на претстојните 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.
Фестивалската програма се одржува од 16 до 24 октомври, а МНТ ќе настапи на втората фестивалска вечер, утревечер, на 17 октомври.
Фестивалот „Брчко Дистрикт“, со речиси половина век традиција, важи за еден од најрелевантните во регионот, познат по специфичниот пристап кон продукцијата, селекцијата и наградувањето на претставите и поединците.
Селектор на годинашното издание е култниот и харизматичен актер и режисер, Ирфан Менсур.
Летово, претставата „Народен пратеник“ доби Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад и е сè поактуелна во регионалниот театарски простор.
Веднаш потоа беше изведена и во Народно позориште во Белград, каде Менсур фасциниран од актерската игра ја вклучи претставата во официјалната селекција на фестивалот во Брчко, со зборовите „Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.
Режијата на Савин ја задржува суштинската визија на Нушиќ, избегнувајќи радикални режисерски интервенции. Наместо тоа, фокусот е ставен на колективната актерска игра и јасната критика на политичкиот театар, испорачана интелигентно, духовито и трезвено.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Ова е трето учество на МНТ на фестивалот во Брчко. Во претходните години, театарот има учествувано со претставите „Народен непријател“ и со „Нема да биде крај на светот“ и двете во режија на Нина Николиќ.