Култура
Министерките Костадиновска-Стојчевска и Гојковиќ: Културата преку „Отворен Балкан“ покажува дека Балканот е Европа
Во рамки на посетата на Белград, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, имаше работна средба со потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за култура, Маја Гојковиќ.
Средбата помина во пријателска атмосфера, а главни теми на разговор беа активностите поврзани со темелните вредности дефинирани во Иницијативата „Отворен Балакан“.
Беа истакнaти досегашните позитвни заеднички активности на театрите и на националните оперски и балетски куќи на двете земји, а се зборуваше и за големиот настан планиран за ова лето, за афирмација на културата во рамките на „Отворен Балкан“, во Европа.
„Трите земји од „Отворен Балкан“ сме соединети во голема изложба која ќе биде отворена летово во Париз, во српскиот културен центар. Овој проект е ново искуство за нашата основна соработка која има цел да помогне во мобилноста на културата и уметноста, во отворањето заеднички фондови, во размената на информации и искуства, да внесе иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали. Со заеднички проекти ги зацврстуваме сопствените капацитети и градиме мостови на соработка во регионот. Оваа изложба во Париз е голем предизвик за сите, зашто ќе ги претстави културите на трите земји поеднечно, но ќе ја претстави балканската уметност и како целина, што ќе предизвика многу посилен ефект во европската заедница, ќе ја афирмира нашата сплотеност, заедништво, нашата заедничка визија и вредности кои ги споделуваме како балкански, но и европски земји“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
На средбата министерките за култура разговараа и за конкретните активности кои следат пред официјалното отворање на културно-информативниот центар на Северна Македонија во Белград.
Министерката Костадиновска-Стојчевска додаде: „Од огромна помош се нашите културно-информативни центри – нашиот центар во Тирана навистина покажува одлични резултати во промоцијата на македонската и балканската култура во Албанија – очекувам наскоро да се радуваме и на новоотворен македонски културен центар во Белград“.
Гојковиќ и Костадиновска-Стојчевска разговараа за конкретните активности по успехот на гостувањата на белградската „Жизел“ во Скопје, и на „Севилскиот берберин“ од НОБ во Белград, најавеното гостување на балетот „Госпоѓиците од Авињон“, македонско издание на реномираниот музички фестивал ЕГЗИТ кое се одржа во Струмица и за кое годинава се подготвува второ издание.
„Верувам дека по овој пример ќе развиеме соработки и на полето на филмот, на полето на театарот, и на полето на фестивалите – нашиот Балкан има и артисти, и продукции, и традиција, и дух и пасија да извезува уметност. Преку уметноста и културата со ваквите иницијативи веќе сме докажале дека Балканот е Европа“, вели Костадиновска-Стојчевска по работната средба со Маја Гојковиќ, потпретседателка на Владата и министерка за култура на Република Србија.
Основата на соработката во областа на културата меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија беше поставена на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид, во мај минатата година кога министерките за култура на трите држави потпишаа меморандум за соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

