Култура
МКЦ со онлајн програма за новогодишната ноќ
Под слоганот „Чао 2020“, ЈУ Младински културен центар ќе емитува новогодишна програма на 31 декември 2020, со почеток во 20 часот на фејсбук-страната и јутјуб-каналот на МКЦ, но и премиерно на локалната скопска телевизија Едо.
„Како организатори и домаќини на скоро 400 поединечни настани/содржини во 2020, концерти, театарски премиери и претстави, изложби, поетски читања и литературни промоции, филмови под отворено небо, CINEDAYS филмски фестивал низ цело Скопје, ЗДРАВО МЛАДИ музички фестивал во срцето на Скопје, МОТ театарски фестивал во јубилеј од 45 години постојан континуитет и 15 продукции, редно беше да се пробаме и со новогодишна емисија. Конципираме програма што и ние би сакале да ја гледаме доколку сме дома пред екраните, а не на работа, која повторно на драго срце, сепак сами си ја накалемивме“, велат од МКЦ.

Во рамки на 6-часовната програма од студиото на МКЦ ќе настапат: Funk Shui, Стојче со диџеј сет од Берлин, Диџеј Фиц со специјален микс топла музика од Порто, Александар Велики, Дина Јашари, Васко Атанасоски, Суперхикс, Rush To Relax или Дамјан Маневски од зелената Љубљана, Atheist Rap со специјален биенален настап за МКЦ од Нови Сад, јавување од подземјето од Shock Troopers и малце ‘џез-че’ со Zulu 3.4.

Покрај музичките настапи, со специјален готвачки сет ќе настапи и Никола Исаиловски или познат како Fat Cacko од неговата Fat Kitchen, чие црцорење на загреаните тави ветува дека ќе предизвика и оближување на малите екрани.
МКЦ најавува дека за програмскиот дел што е одреден за хумор ќе настапат Vlad Ilich и Marko Dejanovic, нови, но супернадежни артисти во мегаконкурентниот свет на стендап-комичари. Vlad Ilich како емигрант од Куманово во светски Лондон, успева полека но сигурно да се пробие на лондонската стендап-сцена со своj специјален настап и за Би-Би-Си, а сега и за прв пат во Македонија и за МКЦ.
Во рамки на програмата ќе има и поезија во КЦ 750, бидејќи освен смеење, битна е и љубовта, а што подобро од поезија за заљубување за крај на 2020.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

