Култура
„Младите доаѓаат“ – концерт со учениците од државните училишта
Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот со наслов „Младите доаѓаат“, на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта. Диригент е Дијана Илкоска-Имери, а на програмата се дела од А. Крепин, В. Пихл, Ф. А. Хофмајстер, В. А. Моцарт, Џ. Росини, Х. Виењавски, Д. Мијо, Е. Лало и С. Прокофјев.
Како солисти ќе настапат Ѓорѓи Димовски – саксофон (III средно, ДМУ, Битола), Итан Георгиев – контрабас (III средно – ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Леона Кондратенко – виола (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Јаков Ангелов – виолина (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Наум Палоски – кларинет (III средно, ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“, Струга), Симеон Гошев – виолина (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Григори Ангелов – саксофон (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Магдалена Дрмач – виолончело (II средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје) и Гоце Златев – пијано (II средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје).
Дијана Имери-Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (оркестарско диригирање во 2014 г., хорско диригирање и музичка теорија и педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови интензивно работи како асистент на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми, меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско лето со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија.
Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки, кој упати многубројни пофалби за младата диригентка. Како студент ја остварува својата прва соработка со Македонската филхармонија. Носител на многубројни награди во повеќе дисциплини, Имери Илкоска ја продолжува соработката со Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Бугарскиот национален радиосимфониски оркестар и хор, Дубровачкиот симфониски оркестар. Остварува соработка со многубројни солисти, меѓу кои Дино Имери, Бојан Илкоски, Ивана Коцевска, Роланд Сентпали (Унгарија) и интернационалниот Дувачки камерен оркестар.
Му асистира на реномираниот диригент маестро Јерухам Шаровски (Израел), како и на маестро Тимоти Редмонд (Велика Британија). Во 2020 година остварува соработка со светски познатиот диригент, маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија), кој за неа ќе каже: „Дијана Имери-Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да си ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

