Култура
МОТ се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“
Тимот на МКЦ го најавува 45. издание на Млад отворен театар, од 24 ноември до 3 декември, со претстави во живо и фестивалски онлајн-претставувања. Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска.
„Сработивме многу годинава и не сакавме да дозволиме единствено да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо бидејќи ќе има и утре!“, изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ, кој одлучно го подготвува ова издание.
Во десет фестивалски вечери, ќе се видат дури три премиери – „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и Факултетот за работи што не се учат, перформансот Screensaver, развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театарот „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“ од Велес.
Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и Факултетот за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).

„Универзална во пламен“ е перформанс – есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици за поетот што во пожарот го спасувал огнот наместо предметите што гореле. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но, таа е и дел од меморијата на Универзална сала среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.
„Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик, туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество што нè доведе до овде“, вели авторскиот тим на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, Кристина Леловац и Филип Јовановски.
Претставата ќе има 5 премиерни изведби – од 24 до 28 ноември.
„45., прв пат хибриден Млад отворен театар, ќе се одржува на три сцени – вашите топли домови, Младинскиот културен центар и Универзалната сала. Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари, а онлајн-претставите се бесплатни, но неопходен е билет бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk. Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид-19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите“, се вели во соопштението.
Фестивалот е поддржан од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Култура
Мултимедијалната изложба „Реминисценции“ на Страхил Петровски на 30 декември во Њујорк
Македонскиот визуелен и мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 30 декември 2025 година ќе ја отвори својата мултимедијална изложба – просторна инсталација со наслов „Реминисценции“ во Македонскиот културен центар во Њујорк, во Галерија МЦ (Gallery MC).
Изложбата ќе биде отворена од 18 до 21 часот, а публиката ќе може да ја посети до 9 јануари 2026 година. Станува збор за најновиот циклус на Петровски, кој опфаќа големоформатни индустриски хартии со димензии до 530 x 83 сантиметри, цртежи во комбинирана техника, како и просторни и мултимедијални елементи кои, како што е наведено во кураторскиот текст, добиваат ново и подлабоко значење во секој изложбен простор.
Кустос на изложбата е историчарката на уметност Сандра Деспотовиќ, која во текстот посочува дека „Реминисценции“ ја означува новата креативна ера во творештвото на Петровски, обележана со апстрактни форми, фрагментација и потрага по значење во современиот свет. Во делата доминираат три бои – белата, црвената и црната – кои, како што се наведува, асоцираат на светлината, земјата и празнината, а визуелниот израз е поврзан со индустриски и прогресивен рок како културна и естетска референца.
Изложбата во Њујорк е дел од серијата самостојни изложби „Реминисценции“, кои Петровски ги реализира во текот на 2025 година во повеќе европски и светски културни центри, меѓу кои Париз, Скопје, Битола и други градови.
Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата уметничка практика опфаќа сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност, а делата му се застапени во јавни и приватни колекции во земјата и во странство. Петровски е член на ДЛУМ од 1997 година и на ДЛУБ од 2025 година, а од 2024 година работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност и како вонреден професор по фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет – Скопје.
Култура
Љутков од Охрид: Културата што денес ја негуваме, утре ќе биде јазикот преку кој нашиот регион ќе зборува – со заемна почит, доверба и визија
„Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во услови на климатски промени, деградација на просторот и притисок од масовниот туризам, неопходно е да применуваме интегрирани методологии што ги поврзуваат научните знаења, стручните практики и современите технологии. Заштитата на наследството е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков на отворањето на министерската конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (КОМОКОСЕЕ), што денеска се одржа во Охрид.
Според Љутков, глобалните кризи во последната деценија јасно покажуваат дека културата мора да биде интегрален дел од општествениот развој. Според него, Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид 2014 година, постави важни темели за соработка, но денес е потребно тие да се надградат со поефикасни механизми, функционална соработка и засилена доверба меѓу земјите од регионот.
Тој ја нагласи важноста на заштитата на културното наследство, дигиталната трансформација и зголемената улога на локалните заедници, како клучни елементи за развој на современи културни политики. Министерот ја потенцираше и иницијативата за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, оценувајќи дека тоа ќе обезбеди поголема стабилност и професионализација на заедничките активности.
„Заедничката иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Искрено верувам дека 2026 година и претседавањето на Република Молдавија со Советот на министри за култура се реална можност за негово финално воспоставување, што ќе ја потврди нашата способност, но и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам. Само на тој начин Комокосе ќе биде релевантна платформа која ќе генерира влијание и ќе трасира остварување на заеднички посакуваните цели“, рече Љутков.
Министерот се заблагодари на партнерите од УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа, истакнувајќи дека нивната поддршка е признание за потенцијалот на регионот и важен поттик за понатамошна интеграција на заедничките културни политики.
Дводневната конференција во Охрид е во организација на Министерството за култура и туризам, кое е претседавач на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“. На собирот во Охрид учествуваат министри за култура, заменици-министри и шефови на делегации од: Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија, Грција, Романија, како и голем број експерти.
На конференцијата се обрати и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура на Европа со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, која потенцираше дека Југоисточна Европа е регион со извонредно културно богатство, а нејзината културна разновидност ги одразува вековите креативност и издржливост, како и живиот идентитет на нејзините народи.
„УНЕСКО останува цврст партнер на Комокосе и е целосно посветен на поддршка на неговата мисија за унапредување на културната соработка, добрососедските односи и помирувањето. Особено ја поздравуваме улогата на Република Северна Македонија во заштитата и промоцијата на културното наследство преку националните развојни политики“, рече Ландри.
На конференцијата, со акламација беше усвоена „Охридска декларација 2025“, документ кој ја потврдува заедничката посветеност на земјите од Југоисточна Европа за зајакнување на регионалната културна соработка, одржливиот развој и заштитата на културното наследство.
Следната, 2026 година со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа, ќе претседава Република Молдавија.

