концерти
„Музика, не мобилни!“ – кампања на Македонската филхармонија
„Музика, не мобилни – исклучи го телефонот, вклучи ги сетилата“ е новата кампања на Македонската филхармонија што оваа институција ја почнува со првиот симфониски концерт во новата сезона, а кој ќе се одржи в четврток со славниот пијанист Лука Дебарг и маестро Јерухам Шаровски зад диригентскиот пулт.
„Кампањата „Музика, не мобилни“ треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не користат телефони за време на музичките настани. Употребата на мобилните телефони стана неизоставен сегмент од животот на секој поединец и тие се користат секаде, дури и на концертите на класична музика“, велат од Македонската филхармонија по повод кампањата.
Идејата на Македонската филхармонија е посетителите на концертите да уживаат во музиката наместо да ја „гледаат“, „слушаат“ и „доживуваат“ преку екранот на телефонот.
„Невкусно е кога за време на концертите на клaсична музика, кога имаме мир и благосостојба, кога се одмораме од секојдневието, но и кога сме силно сконцентрирани на она што како естетика, филозофија и музика ни се нуди, тоа да се нарушува со звуците или блицевите на телефонот. Употребата на телефонските апарати им пречи и на оние што се на сцената затоа што постои можност за деконцентрација, одвлекување на вниманието, а со тоа и за несоодветно претставување на делото што го изведуваат. Класичната музика е специфична и бара силна посветеност, огромна жртва и континуирана работа. Сето тоа може да исчезне во само еден миг ако заѕвони нечиј телефон, на пример. И со оваа кампања, освен, се разбира, програмската политика на куќата, Македонската филхармонија тежнее да биде во чекор со европските стандарди. Сметам дека ќе вроди со плод“, вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

