Култура
„М“ го преполни паркот на МКЦ на отворањето на „Синедејс“
Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „М“ на Вардан Тозија, синоќа беше отворен 22. меѓународниот фестивал на европскиот филм – „Синедејс“.
„Имаме совршено отворање на фестивалот, повеќе од 1.000 гледачи го следеа филмот ‘М’ на Вардан Тозија без здив, и во паркот зад МКЦ и во киното „Фросина“. Благодарност до режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов, кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфера и заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме во целото издание на „Синедејс“ затоа што имаме одлична програма, која витешки ја сработивме со драстично намален буџет. Се надевам дека годинешниот исклучок нема да биде практик“, истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Со слоганот „Муви најт“, Скопје до 18 јули ќе живее во филмот на „Синедејс“, за жал, со редуциран број на локации и филмови на репертоарот, но доволно атрактивни да ги задоволи и најпребирливите филмофили.
![]()
Со проекција на 40 филма во неколку селекции, македонски премиери на долгометражните остварувања на Тозија, Горан Столевски и Гоце Цветановски и селекцијата на кратки филмови, уникатни работилници, мастер-класи и панел-дискусија, како и неколку концерти, годинешниот „Синедејс“ ќе ги слави филмот и неговите најнови достигнувања.
Билетите за „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови.
Фестивалот е поддржан од Кинотеката на Македонија, „Публицис“, „Скопска пивара“, „ЕУ за ТЕБЕ“, „Неотел“, Гете институтот, Агенцијата за филм на РСМ и од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

