Изложби
Националната галерија на Македонија добитник на наградата „Музејски проект на годината“
НУ Националната галерија на Македонија е еден од добитниците на овогодишните нагаради на конкурсот 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музјеската дејност во текот на 2017 година кои ги додeлува Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ). Имено во категоријата Музејски проект на годината за 2017 година наградата, стручната комисија и ја додели на Национална галерија на Македонија за проектот организиран во чест на 90 години од раѓање на бардот на македонското современо сликарство, човекот со исклучителен дух, авторот со нагласена индувудуалност, неуморен и бескомпромисен во постојана потрага по нов ликовен предизвик, големиот Петар Мазев.
Изложбата беше отворена на 2 ноември 2017 година во објектот Даут пашин амам и траеше до 25 јануари годинава. Делата застапени на изложбата беа позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и Музеј од Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, ЦК Антон Панов од Струмица, но и голем број на приватни колекционери. Голем дел од делата кои беа евидентирани во текот на повеќемесечната работа и истражувања а не беа вклучени во изложбената поставка најдоа свое место во јубилејната публикација објавена во оваа прилика. На изложбата беа поставени 80-ина платна работени во различни техника масло на платно и масло на панел, комбинирана техника на платно и панел.
Во рамките на изложбата беше презентиран документарен материјал поврзан со животот и работата на Петар Мазев во продукција на МРТВ: прилог од Струшки вечери на поезијата од 1963 г., Портрет на Петар Мазев од 1978 г. со Гордана Михаилова Бошњакоска, разговор со Глигор Чемерски од 90те год. од документацијата на МРТВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Изложби
Мице Јанкуловски ја отвори изложбата во Букурешт
Синоќа, во 19 часот, беше отворена самостојната изложба на слики од Мице Јанкуловски, „Надвор од црното“, во галеријата „Галатека“ во Букурешт.
Автор на концептот е Корнелија Конеска, а куратор – Анка Боериу, универзитетски професор на Националниот универзитет за уметност на Романија.
За уметничкото творештво на Јанкуловски
Како уметник повеќе од пет децении Јанкуловски континуирано е посветен на истражувањето во областа на сликарството и цртежот, но експериментирал и се претставувал преку повеќе уметнички дисциплини (сликање на стакло, карикатура, анимиран филм, палиндроми…) заради што меѓународната професионална јавност го препознава како мултимедијален уметник. Во своето уметничко дело тој постојано ги истражува формата, просторот, бојата, небојата и движењето како елементи што се повторуваат.
Јанкуловски првенствено се занимава со истражување или поточно барање на разните форми, кои ги поставуваат темелите за создавање уметност. Неговите интереси вклучуваат испитување на врските меѓу формите и просторот, нивното заемно влијание и како формите се движат во даден простор. Кога се набљудуваат неговите слики и цртежи, може да се забележи дека доминантни се геометриските форми, но на крајот тие еволуираат во поорганска и невоздржана форма. Рабовите на овие форми играат клучна улога во дефинирањето на просторот и овозможуваат тој да функционираат како кохезивна целина.
Последната фаза на концептуални слики на Јанкуловски се одликува со монохроматичност, модуларност, мултипликација и минимализам. Уметникот користи систематски пристап за примена на основни форми, како што се кругови, квадрати и триаголници на големи квадратни платна, користејќи само црна боја. Формите се создаваат со правење шари на намази од дебел слој црна боја. Во зависност од тоа дали намазите се нанесуваат на заднината или на самите форми, се постигнува дополнителен впечаток на позитивно/негативно. Серија од дела се создава со мултипликација на формите во платната, како и со мултиплукација на самите платна, што резултира со големи концептуални дела, како полиптиси.
Веднаш треба да се забележи дека црното, т.е. небојата, како што понекогаш се дефинира, е единствениот протагонист на делото… покрај светлината како составен дел на конечниот резултат.
Во однос на просторната организација на концептуалните дела од повеќе делови, Јанкуловски секогаш се труди да обезбеди можност за нивно читање, без разлика на позицијата на деловите, за да може да се набљудуваат поставени на разни начини – резултат на неговиот првичен интерес за палиндромите (зборови што се читаат исто и напред како назад).
Индивидуалниот творечки потпис во делата на Јанкуловски се стреми кон контемплативност и медитативност со претставување на постојаната различност на универзалниот поредок. Неговата потреба да ги пренесе горенаведените односи во (речиси) дводимензионални дела е на ниво на филозофска интерпретација, при што секое дело има своја приказна и отвора мноштво нови димензии.
Неговото најново уметничко творештво е истражување со карбон (познатата најцрна боја) – боја откриена со најновите нанотехнологии, која обезбедува поглед во непознатото надвор од сè што досега е познато за црното.
За изложбата „Надвор од црното“
Основниот мотив на изложбата е визуелен одговор на прашањето: „Што има надвор од границите?“
Наспроти белата боја (која ги рефлектира сите бои), црната ги апсорбира сите бои и се доживува како граница каде што сите бои завршуваат. Дали е така? Што е зад или подобро надвор од црното? Според перцепцијата на Јанкуловски – повеќекратна реалност!
Концептот на изложбата е една од тие реалности. Главните атрибути на неговото уметничко дело му дозволуваат да прави бескрајни варијации и разни реалности, но како докажан минималист ги постигнува со минимални елементи. Како и секогаш, тој користи само црни квадратни платна со разни растери со црн акрилик. Конечниот резултат се постигнува со мултипликација на формите и со комбинација на модуларните (претходно обмислени) формати на платната распоредени во полиптиси.
Изложени дела:
„Ноќите на Тоскана“, 2019 (сегмент)
Полиптих од 10 слики, акрилик на платно, 195 x 1.950 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Круговите на Леонардо“, 2020 (сегмент)
Полиптих од 4 слики, акрилик на платно, 195 x 780 cm (195 x 195 cm/секоја)
„Хоризонтален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)
„Дијагонален свет“, 2021 година
Полиптих од 4 слики, акрил на платно, 195 х 390 см (97,5 x 97,5 cm/секоја)