концерти
Најубавите филмски оскаровски теми во камерна изведба в недела во МОБ
В недела, 7 октомври, во Македонската опера и балет Гудачкиот камерен оркестар Арко по повод својот јубилеј, ќе одржи концерт на филмска музика.
Оскаровските теми компонирани од Џон Вилијамс, Ханс Зимер, Мишел Легранд, Енио Мориконе, Мајкл Џиакино, Нино Рота, Хенри Манчини ќе бидат изведени на гудачки инструменти што ќе биде прв таков концерт во Скопје.
Концертот е насловен како It’s a Film, а покрај 15те филмски оскаровски теми како „Мемоарите на една Гејша“, „ЛаЛаЛенд“, „Синема Парадизо“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Ловец на елени“, „Легенда за есента“, „Милионер“, „Ѕвездени патеки“, „Баџирао Мастани“ ќе бидат изведени и теми од сензибилниот екстравагантен Боливуд.
Покрај ексклузивноста на програмата, вечерта ќе биде збогатена и од специјалните гости, Саи Шраванам на табла, дел од оскаровската екипа на филмот „Животот на Пи“ и Анџана Раџагопалан, сопран, од Индија, како и атрактивната Соња Калајиќ на виолина и пила од Белград.
Програмата е создадена од Ерхан Шукри, кој исто така ќе ја држи и диригентската палка, а за концертот вели дека ќе биде уникатно доживување да се слушнат светски реномирани музички имиња и единствена можност да се доживеат познатите музички теми во една сосема поинаква изведба.
Концертот ќе изобилува со прекрасни визуелни ефекти, балет, театар, танц, а дел од гостите кои ќе настапуваат се и нашиот а светски познат гитарист Дарко Багевски, кој по многу години настапува во Скопје, пијанистот Дино Имери, сопранистката Полина Тасева.
Вечерта на филмските музички теми ќе биде збогатена со примеси на театар, пантомима и балет преку учеството на Игор Ангелов, Балетскиот оддел од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и Мандолинскиот оркестар Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
![]()
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
![]()
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.

