Култура
На изложба во Меѓународниот град на уметностите во Париз застапени и материјали од македонското ателје
Во Меѓународниот град на уметностите во Париз, од 10 јануари до 30 јуни е поставена големата изложба „Emersions: archive vivante“ („Повторно надвор: жива архива“), која содржи архивски материјали од богатата историја на оваа реномирана фондација која обединува уметници од целиот свет, информираат од Министерството за култура.
На изложбата се застапени и фотографии на македонски резиденти, како и една фотографија од посета на претседателот Киро Глигоров на Ателјето и уметничко дело од академскиот сликар Коле Манев, еден од многубројните македонски уметници кои во изминатите децении имале можност да престојуваат и да творат во популарното Ателје во Париз.
Во 2002 година Министерството за култура потпиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз за следните 60 години.

„Таа година е основано и македонското Ателје, каде што продолжи континуираниот престој на македонските уметници кои дотогаш во Париз беа присутни преку ателјеата на поранешната Југославија.
Изложбата ја раскажува приказната за Меѓународниот град на уметностите во Париз од неговото основање. Застапени се архивски фотографии, сведоштва, документарни видеа од архивата на фондацијата, во која се претставиле над 30.000 уметници од целиот свет. Оваа изложба – конципирана на темата ‘Градот и Европа’ – е дел од долгорочниот проект на фондацијата, која предвидува и други две изложби“, посочуваат од ресорното министерство.
Уште од основањето на Меѓународниот град на уметностите во Париз во 1965 година, голем број реномирани уметници од целиот свет учествуваат во програмите на Ателјето кои поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти.
Во партнерство со 135 француски и меѓународни организации од над 60 земји, Ателјето пречекува повеќе од 300 уметници од различни уметнички области за резиденции што траат до една година.
„На годишно ниво, по 6 ликовни или музички уметници од Република Северна Македонија реализираат по двомесечен престој во Париз, а во договор со управата на Меѓународниот град, може да се организираат и самостојни изложби на нашите уметници. Од 2002 година, над 90 етаблирани, но и млади уметници од Северна Македонија имаат реализирано престој во Ателјето“, нагласуваат од Министерството за култура.
Од таму посочуваат дека престојот во Меѓународниот град на уметностите е драгоцена можност за промоција и афирмација на репродуктивни уметници од Северна Македонија и на нивното творештво во меѓународни рамки.
„За сиве овие години, преку повеќемесечниот престој во центарот на европската уметност, македонските уметници, што е особено важно и од помладата генерација, остварија трајни пријателства, ширејќи ја светската култура во земјава и афирмирајќи го македонското творештво надвор“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавена книгата „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект од Ацо Ѓоргиев
„Македоника литера“ неодамна објави драмски текст од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев со наслов „Струмички шерифи“, комедија на струмички дијалект.
Дејството во овој драмски текст е сместено во осумдесеттите години на минатиот век во Струмица. Ѓоргиев на сатиричен, хумористичен, ироничен, провокативен, а во исто време и со груба подбивност, презрив и дрзок однос кон моралните и општествените состојби, отсликува една социјална, урбана и малограѓанска атмосфера на која посебна привлечност и дава нарацијата на струмичкиот дијалект.
Во поговорот на книгата, Даниела Пејева Митева пишува дека Ацо Ѓоргиев „нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за моралното и неморалното во секоја смисла… Доста добар впечаток во драмата оставаат: дијалектниот говор, изнијансираноста на ликовите, богатството на идеите е неусилено и сите идеи и теми се достојни за еден длабински херменевтички зафат. Сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. Во ’Струмички шерифи‘ има палета различни ликови, со различни и точно утврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација, туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која дејствуваат. Изненадувачки е што авторот Ѓоргиев не ја наметнува својата приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на ликовите и развојот на дејството го апострофира ’моралното‘. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдностите од реалноста на секојдневниот живот.“
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации.
Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. „Струмички шерифи“ е негов прв драмски текст.
Култура
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе биде прикажан во македонскиот КИЦ во Софија
Во македонскиот КИЦ во Софија на 29 јануари (четврток) 2026, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“, дело на Гоце Цветановски – режисер и сценарист.
Премиерата на филмот во Софија се одржа минатата 2025 година во „Синема сити мол Софија“, а Македонскиот културно-информативен центар ги доби правата за неговото емитување пред посетителите на нашиот Центар.
Филмот, кој е научна фантастика со хумористичен пристап, веќе се етаблира на меѓународната сцена со четири престижни интернационални награди, добиени на филмски фестивали во Еквадор, Италија, Романија и Австралија. Овие признанија се потврда за оригиналноста и продукцискиот квалитет на проектот, кој претставува значаен чекор напред за македонската анимација и филмска индустрија воопшто.
Во фокусот на филмот е Јон Вардар, харизматичен, неконвенционален јунак кој се впушта во интергалактичка мисија полна со неочекувани пресврти, необични суштества, и силна доза на македонски хумор. Неговата авантура, иако сместена во далечна вселена, носи теми кои се блиски и актуелни: слободата, одговорноста, личната храброст, сето тоа претставено преку визуелно импресивна анимација и динамична нарација.
Уникатната стилистика на филмот, духовитите дијалози, како и храброста на авторот да создаде нешто што го надминува локалниот контекст, допринесоа да се позиционира како дело со меѓународен потенцијал.
Култура
Герасимовски со ансамблот „Орце Николов“: Македонската традицијата е дел од нашата програма
По повод 80 години постоење на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се сретна со раководството на културно-уметничкото друштво.
На средбата се разговараше за тековните културни активности во општината и можностите за понатамошна соработка меѓу Општина Центар и ансамблот.
„Со Ансамблот имаме одлична соработка. Во рамки на програмата за култура, ансамблот доби и финансиска поддршка за проектот „80 години волшебен свет на фолклорот“, со што продолжуваме да вложуваме во негувањето на народната уметност“, порача градоначалникот Герасимовски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа е силен поддржувач на културата и народното творештво.
„Во изминатиот период значително ги зголемивме вложувањата во културата, а за 2026 година буџетот за култура изнесува 26 милиони денари. Преку бројни манифестации овозможуваме културни содржини што ги обединуваат граѓаните од сите возрасти. Културата е и ќе остане наш приоритет“, рече Герасимовски.

