Култура
На 26 август прогласување на наградените филмови на „Македокс“
Прогласувањето на наградените филмови на 12. „Македокс“ ќе се одржи на 26 август во Куршумли ан, во 20 часот. Најдобрите документарни филмови од натпреварувачките категории: Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи, ќе се закитат со наградите „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за филм со најдобри етички идеи.
Во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Членови на жирито за наградата „Кромид“ за најдобар филм од главната програма се Адел Кохут, заменик-генерален директор на „ДОК.фест Минхен“, Едима Отуокон, искусен специјалист за комуникации, експерт за реформи во креативниот сектор, хуманитарец и аналитичар на конфликти со повеќе од 25-годишно искуство на работа во Африка, и Хеле Хансен, новинарка и режисерка на многубројни телевизиски документарни филмови, а од 2011 година е застапничка за документарни филмови во „Филмфонд норд“ во Норвешка.
За наградата „Млад кромид“ во категоријата „Нови автори“ одлучуваат Викторија Лешченко, програмски директор на Интернационалниот фестивал на документарни филмови за човекови права „Докудејс УА“ во Украина, Кристин Камдесу, француска продуцентка, основачка и програмска директорка на „Alegria Productions“, и Марион Шмит, кодиректорка на Европската асоцијација на документарни филмови (DAE).
Во составот на жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краткометражен документарен филм се Ивана Тодоровиќ, режисерка на кратки, општествено-ангажирани филмови во Белград и Њујорк, Маја Новаковиќ, магистер по историја на уметност и помлад истражувач во Математичкиот институт на Српската академија на науките и уметностите, и Микеле Сини, автор и продуцент на документарни филмови со многубројни ангажмани во секторот на филмската продукција.
Студентските филмови секогаш имале посебно место во програмата на „Македокс“, а годинава за наградата „Кокарче“ одлучува жири во состав: Јулија Коваленко, филмска критичарка и програмска уредничка на Фестивалот „Docudays UA IHRDFF“ во Киев, Украина, Питер Зах, автор, режисер и директор на фотографија кој живее и работи во Берлин, и Ингибјорг Халдорсдотир, директорка на Исландскиот документарен филмски фестивал „АјсДокс“.
Во конкуренција за наградата за најдобри етички идеи влегуваат филмови од повеќе натпреварувачки категории, а за наградата одлучуваат Кристина Горовска, вокална солистка на македонскиот бенд „Бернајс пропаганда“ и авторка на текстови, музика, дизајн на албумските омоти и на концептот за видеопроекциите од живите настапи на бендот, Танкред Ривиер, француски писател и поет кој се фокусира на теоретско и креативно пишување, и Ацо Палитов, независен продуцент и режисер на документарни проекти.
Дванаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.
Партнери на 12. „Македокс“ се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на РСМ и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

