Култура
Новата книга од Зоран Спасов-Sоф, „И јас сум Сирма“, ќе биде промовирана во МКЦ
Новиот роман од популарниот автор Зоран Спасов-Sоф, „И јас сум Сирма“, ќе биде промовиран на 14 ноември (четврток) во 20 часот во Младинскиот културен центар – Скопје. Книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс ламина – публикации“, ќе ја промовира Татјана Алексиќ, а модераторка на настанот ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова. Специјална гостинка во улога на Сирма ќе биде младата актерка Јована Спасиќ. По промоцијата, забавата ќе продолжи со настап на „Сирма rock’n’roll бенд“.
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Станува збор за збирка приказни што „авторката“ ги има собирано во изминатите шеснаесет века. Таа вели дека сè што напишала e вистина, но искрено мислам дека некои делови се пренесени со прекумерна доза патриотизам. Особено кон соседите. Но… таков е нејзиниот табиет: горд, искрен, чесен, мил, полн со емпатија. Напати ме потсетува на некого: на мајка ти, баба ти, на мајка ми… но најмногу од сè ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, со секој збор, со секоја реченица. „Авторката“ не ја познавам лично, но имам чувство дека цело време е тука некаде, на дофат. Кога издавачот ми го прати текстот да напишам рецензија, не наидов на ништо што не ми е познато. Имав впечаток дека секоја страница од оваа историска читанка ја има некаде во нашите гени. За некои од ликовите можеби не сте чуле или, пак, имате погрешна слика, но сите тие се јунаци. Драг читателу, ти можеш да кажеш дека ништо од ова не е точно, но нема да можеш да не ја дочиташ книгава докрај затоа што цел живот ќе ти ја јаде душата. Однатре. Тивко, полека.
Зоран Спасов-Sоф е познат скопски лик, филантроп и автор на хит-книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Важи за еден од најпродаваните автори во книжарниците „Литератира.мк“.
Книгата „И јас сум Сирма“ ќе биде достапна за продажба за време на промоцијата во МКЦ, како и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk од 14 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ на 23 јануари во Националната опера и балет
Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ ќе се изведе на 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет.
На 23 јануари со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.
Култура
Објавена книгата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска
„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата од областа на теоријата на литературата „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во XXI век“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска.
Во првиот (воведен) дел од овој труд авторката ја третира теоријата на романот, почнувајќи од историскиот развој до постмодерните и метафикциските парадигми. Се задржува на дефинирање на романот и неговото место во книжевната теорија, видовите и типологии на роман, теориските дијалози со романот и на концептите на фикцијата и метафикцијата.
Во вториот дел пишува за дескрипциите и моделите на македонски романи на преминот од ХХ во XXI век, осврнувајќи се на македонскиот роман и неговата класификација и на дескрипцијата на македонски романи во овој период. Потоа, во најобемниот дел од овој труд, се задржува на дескрипција на неколку романи, и тоа: „Нишан“ од Блаже Миневски, „Скриена камера“ од Лидија Димковска, „Братот“ од Димитар Башевски, „Тунел“ од Петре М. Андреевски, „Опишувач“ од Ермис Лафазановски, „Пророкот од Дискантрија“ од Драги Михајловски и „Сестрата на Сигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски.
– Романот е најинтересната проза за читање. Содржи доволно настани и ликови со кои како читател може во секое време да си направите дијалог, а во романот секогаш има доволно материјал за промисла и размисла. Македонскиот роман ги има токму овие карактеристики и можности за дијалог. Тој е тематско-мотивски разнообразен, од женски приказни одгледани во патријархално семејство и осудени од јавноста (`Тунел`), преку општествено неодговорни функционери и братска љубомора („Братот“), до потресни патишта за човечка, женска љубовна нереализираност и потиснатост под налетот на доминантниот брат („Сестрата на Сигмунд Фројд“), како и историски и верски теми завиткани во лични приказни („Пророкот од Дискантрија“), игри и дијалог со писателскиот занает и современиот свет во кој сите сè гледаат и слушаат („Скриена камера“ и „Опишувач“) или пак продуцираат реалност која е лажна и постои само во свеста на ликот („Нишан“). Тематска разнообразност беше едниот поттик за анализа, а вториот поттик беше разнообразноста во начинот на конструирањето на приказните. Првата деценија од веков беше само временската одредница во која сакавме да истражиме како се движи уметничкиот збор во романот. Се обидовме да покажеме чувствителност за различните автори и нивните поетики, да ги коментираме некои од слоевите во дискурсите, да ги обединиме во смисловна целина, во која постмодернистичкиот пристап им е доминантен, задржувајќи критичка дистанца и научна мерка – пишува Марина Димитриева-Ѓорѓиевска за овој свој труд
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска ( 1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна завршила и магистерски и докторски студии. Оваа книга е адаптирана верзија на нејзиниот докторски труд.
Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).
Култура
Серијата „Адолесценција“ би можела да добие продолжение
Серијата „Адолесценција“ (Adolescence) би можела да добие продолжение, иако првично беше замислена како мини-серија. Стивен Грејам, еден од авторите и актери во серијата, потврди дека заедно со коавторот Џек Торн веќе водат првични, неформални разговори за можна втора сезона.
Грејам, кој во серијата го толкува ликот на Еди Милер, татко на главниот лик Џејми, изјави дека идејата е сè уште во многу рана фаза и дека, доколку дојде до реализација, новите епизоди нема да бидат подготвени наскоро.
„Тоа е нешто што е длабоко во нашите мисли и можеби ќе го извлечеме за три или четири години“, рече Грејам зад сцената на доделувањето на Златните глобуси.
„Адолесценција“ ја следи приказната за проблематичен тинејџер обвинет за убиство на соученичка, фокусирајќи се на последиците од злосторството, семејните односи и психолошките процеси кај младите. Серијата доби бројни награди, меѓу кои и Златен глобус за најдобра мини-серија, како и признанија за актерските остварувања.
Иако нема официјална потврда за продолжение, меѓу фановите веќе се појавија шпекулации дека втората сезона би можела да биде раскажана од нов агол или серијата да прерасне во антологија со нова приказна.

