Култура
Новогодишен концерт на Филхармонијата со најпознатите валцери и полки од Штраус
Традиционалниот новогодишен концерт насловен „Слушни!Доаѓа Новата…“ на Македонската филхармонија ќе се одржи в четврток со почеток во 20 часот. Оркестарот ќе го води Елена Митревска, македонска диригентка која во моментов работи во Операта во Малме, Шведска. На програмата се најпознатите валцери и полки од Јохан Штраус, како и дела од Бизе, Чајковски и Сен-Санс.
Eлена Митревска завршува студии по хорско и оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломира со почести. Член е на хорот „Арнолд Шенберг“ во Виена седум сезони, при што работи на оперска и концертна репертоар со диригенти како што се Николаус Харнонкурт, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ретл, Рене Јакобс и Корнелиус Мајстер, меѓу другите. Од 2012 година таа е асистент-диригент и хор-мајстор во истиот хор за концерти и оперски продукции во „Theater an der Wien.“
Во декември 2014 година ја добива наградата од фондацијата „Ервин Ортнер“ за промовирање талентирани млади музичари во областа на хорското диригирање. Митревска диригира со оркестри како што се камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, Виенскиот камерен оркестар, Македонската филхармонија, Овиедо Филхармонија и Оркестарот на Операта во Малме. Во ноември 2022 година поканета е како диригент во продукцијата на „Дон Џовани“ во Операта во Овиедо. Таа е хор-мајстор во истата од 2016 до 2020 година, а гостин хор-мајстор во Националната опера Лион, Франција во 2021 година. Од 2020 година ја врши истата функција во Операта во Малме, каде што има претстојни продукции, вклучувајќи ја улогата на диригент за операта „Кармен“ од Жорж Бизе во сезоната 2025/26.Митревска е редовно поканета да работи на проекти со хорот на Данското национално радио и Данскиот национален вокален ансамбл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

