Култура
Ново издание за „Шарла“ – Circus Never Ends

Независниот музички издавач „Шарла рекордс“ го издаде своето 73-то издание Circus Never Ends (Sharla Records Label Sampler 21/22).
Се работи за веќе традиционална годишна компилација составена од музика на бендови и артисти што издаваат за „Шарла“.
Осум од нив влегоа во годинешниот избор, меѓу кои и четири нови и досега необјавени нумери, кои треба да се најдат на следни изданија. Жанровската и стилска шареноликост, која е каракатеристична за овој издавач, пресликана е и во ова издание, особено наменето за слушатели со широк музички интерес и потреби. Компилацијата ја состави Давид Ангелевски, кој го потпиша и омотот, направен врз фотографии на Ивица Јанкуловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска ja откупи National Geographic

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најпрестижните светски дистрибутери на документарни остварувања.
Со ова, првпат македонски филм станува дел од глобалниот каталог на National Geographic и ќе биде прикажан пред публика во над 170 земји, вклучително и преку платформата Disney+.
Покрај договорот со National Geographic, правата за дистрибуција во Австралија, Јапонија и Полска ги откупи британскиот дистрибутер Dogwoof, познат по повеќекратни оскаровски и бафта-наградени филмови.
„Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане реалност. За мене, тоа е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна на светски рамки. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме сериозен труд и работа“ – изјави Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот.
Филмот е истовремено и овогодишен македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар интернационален филм. Досега ја освои „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм – едно од паралелните признанија на фестивалот во Венеција, а беше дел и од престижниот фестивал во Торонто.
„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор, а ја раскажува врската меѓу земјоделец и повреден штрк.
Меѓународната критика го поздрави филмот како „поетско достигнување со моќна визуелна резонанца“, „болно прекрасен“, и „триумф“.
Култура
Четврти Фестивал на џез, World и современа музика во Велес

Здружението за култура, уметност и млади “АРТ ГЕНЕРАТОР” со делегирана надлежност од Општина Велес, поддржани и од Министерство за култура и туризам по четврти пат го организира Фестивалот на Џез, World и Современа музика.
Програмата на фестивалот ќе биде распоредена во четири фестивалски денови од 25 до 28 септември и ќе се одвива во Театар Ј.Х.К. Џинот – Велес, на паркингот на театарот и на Спомен костурницата во Велес.
И ова четврто издание останува интернационално. Ќе настапуваат артисти од САД, Грција и се разбира Македонија.
„Со организирање на овој фестивал, имаме за цел да придонесеме децентрализација и деметрополизација на културата и уметноста и пласман на квалитетни соджини и затоа сметаме дека овој фестивал е од исклучителна важност за Велес“, велат организаторите.
Култура
Четврто издание на Маалски фестивал од 25 до 27 септември на повеќе локации во Центар

Четвртото издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0, ќе се одржи од 25 до 27 септември 2025 година на повеќе локации во Општина Центар – Скопје и тоа во КСП Центар – Јадро, Парк на Франкофонија, Боемска 2 и Природонаучниот музеј.
„Овогодинешното издание на фестивалот е во духот на солидарноста и соседството. И оваа година ве покануваме на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ за заеднички да ги запоседнеме маалските улици и да ги исполниме со убавина која недостасува. Ајде сите на креативен дијалог, на раскажување стари приказни и креирање нови. Време е да ги шараме нашите улици со спомени и уметност. Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија, да создава простор за колективно обликување на културата, дружење, заедничко учење и забава“, велат од Културно-социјалниот простор ЦЕНТАР–ЈАДРО.
Симболично, фестивалот ќе биде отворен со Маалско мезе, закажано за 26.09 (петок), од 17:30 часот на Боемска 2.
„За оваа заедничка гозба не очекувајте специјална покана и црвен тепих – поканети сте сите! Маалското мезе е простор за соседите, соработниците, пријателите и сите случајни и неслучајни минувачи да седнат заедно и да споделат вкусна храна, маалски приказни и голтка надеж. Дојдете на нашата радосна трпеза, задолжително понесете добро расположение и некој домашен специјалитет кој едноставно мора да го споделите со нас“, се вели во повикот.
После мезето, во КСП Центар – Јадро со своја изложба гостуваат германската уметница и фотографка Франциска Клозе и изложба и презентација на Фестивалот Остен од Битерфелд-Волфен, Германија (26.09, 20:00, КСП Центар – Јадро).
Петочната вечер (26.09, 21:30, Боемска 2) ќе заврши со настапите на Калико и Корка, два свежи и алтернативни македонски бенда кои со својата енергија и звук ќе нè забавуваат, размрдаат и ќе вдахнат здив свежина во Дебар Маало.
Концертот, како и целосната фестивалска програма, има хуманитарен карактер, а сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата SUPPORT KOCANI.